Пирова победа на Реал, Борусија е финалист!

Борусија Дортмунд е првиот финалист во Лигата на шампиони. Реал Мадрид извојува пирова победа од 2:0 и Германците со вкупни 4:3 се пласираа во финалето од најелитното европско клупско натпреварување кое ќе се одигра на 25 мај на Вембли.

Како што и се очекуваше, Реал Мадрид уште од самиот старт тргна во нападот и веќе по 4 минути игра Игуаин имаше голема шанса, но не успеа да го совлада Вајденфелер.

Гостите од Дортмунд се обидуваа да се заканат од контра напади, но домаќините и натаму беа поопасни. Во 13-та минута и Озил искочи сам пред голманот на Борусија, но го промаши голот.

Фудбалерите на Реал Мадрид продолжија со истото темпо, а до крајот на првото полувреме шанса имаше и Роналдо, но мрежите мируваа.

Во второто полувреме првата голема шанса ја имаше јунакот од првиот натпревар, но овој пат Левандовски ја погоди само пречката.

Реал Мадрид во тие моменти немаше што да загуби и тргна со сите сили во напад, но со тоа и отвори простор кон својот гол. Од една таква шанса од контра напад во 62-та минута Гундоган можеше и да го открие резултатот и да го реши натпреварот, но Лопез го спаси својот гол.

Домаќините конечно се израдуваа на погодок во 83-та минута кога Озил од левата страна го пронајде Бензема кој ја втурна топката во мрежата на Борусија.

Овој гол им даде надеж на фудбалерите на Реал Мадрид и во 88-та минута тие дојдоа и до предност од 2:0 откако Рамос ја заби топката во голот по повратната топка од Бензема.

Со уште еден гол Реал Мадрид ќе се пласираше во финалето, но во последните минути фудбалерите на Борусија Дортмунд го сочуваа својот гол и си го исполнија сонот.

30 април 2013 - 22:40