Пеп се враќа дома, за прв пат ќе игра против своите

За прв пат во својата тренерска кариера, Пеп Гвардиола ќе игра против Барселона, неговиот клуб, дом и град. Според Луис Енрике, Гвардиола е најдобар тренер на светот, но Баерн немал среќа што им паднала Барса во полуфиналето.

На 18 март, Пеп Гвардиола реши да ја пречека пролетта на Камп Ноу, каде ги гледаше мајсториите на Меси против Манчестер Сити. Седеше во ложата, а не на клупата како во најславните денови за каталонскиот гигант.

„Сите знаат колку овој натпревар ќе биде посебен за мене. Барселона е мојот дом. Овде сум (во Баерн), затоа што бев таму (во Барса). Имам голем респект за Барса и среќен сум што ќе можам да играм против нив. Сепак, ако ги правиме истите грешки како во првите 8 минути со Порто на гости, двомечот ќе се реши уште на Камп Ноу“, изјави Гвардиола по ждрепката.

Со Барселона, Гвардиола освои 2 ЛШ, 2 Светски клупски првенства, 3 титули во Примера, 2 европски Суперкупа, 2 Копа дел Реј, три шпански Суперкупа. Каталонците добро ги паметат Гвардиола и како играч.

И на тој план, Пеп освојуваше трофеи во Шпанија и Европа. На тој играчки пат со Гвардиола беше и Луис Енрике, кој по краткиот престој на Виланова и Мартино ја презеде Барселона.

„Се сложувам дека ќе биде посебен натпревар и за мене и за Пеп. Ќе биде добро и за навивачите. Баерн го има најдобриот тренер во светот, но нема да биде битка меѓу мене и него затоа што ние не играме. Немавме среќа на ждребот? Би кажал дека Баерн Минхен немаше среќа што нè извлече нас“, изјави „Лучо“ Енрике по денешната ждрепка.

Во 2013. година, Каталонците немаа баш среќа што го извлекоа Баерн Минхен, затоа што Баварците ги декласираа со вкупен резултат 7-0. Ако се прочепка историјата, ќе се дојде до податоци дека Барселона секогаш тешко излегувала крај со Баерн Минхен. Традицијата е на страната на Баварците, кои имаат пет победи, две ремија и еден пораз од Барса.

Дополнителен мотив и за едните и за другите пред двомечот ќе биде и податокот дека кога и да играле против себе, еден од нив го освојувал европскиот трофеј таа сезона.

Гвардиола денес имаше и интересна изјава за крај: „Ако ништо друго, барем ќерка ми ќе ги види баба и дедо“.