Пауло Дибала конечно ја оправда довербата

Аргентинецот сезонава даде 5 голови за Палермо, по што селекторот на Италија, Антонио Конте изјави дека го планира за следниот собир на Аѕурите во март следната година.

Делегација на комесари на Палермо во 2011. година отпатува во Аргентина да преговара за трансферот на Франко Васкез од Белграно. На вечерата бил присутен и Хуан Карлос Барера, претседателот на Институто де Кордоба.

„Значи дојдени сте да се пазарите за Васкез? Добар бизнис, но јас имам подобар фудбалер, многу подобар од него“, му рекол Барера на Лука Катани, тогашниот спортски директор на Палермо.

Кога сфатил дека се работи за 17-годишниот Пауло Дибала, Катани одговорил дека веќе 4 пати го гледал напаѓачот на Кордоба и дека претседателот на Палермо зборувал и за него. Дибала таа година играше во втората лига со Кордоба и стана најмлад стрелец во историјата на оваа екипа, по легендарниот Марио Кемпес, освојувач на СП 1978 со Аргентина. Во првата сезона како првотимец, Пауло Дибала постигна 17 голови на 38 средби, од кои 2 хет-трика и шест гола по ред.

По Единсон Кавани и Хавиер Пасторе, Ѕампарини сакал да најде ново откритие кое подоцна ќе го продаде за дупло повеќе. Во 2012. година Палермо за 12 милиони евра го потпишува Пауло Дибала и на тој начин им го зема пред нос на ПСЖ, Наполи и Порто.

Сепак, Аргентинецот тешко се привикна на новата средина и кај тренерот Бепе Санино не доби многу шанса. Палермо во меѓувреме смени 2 тренери, но и покрај тоа испадна во Серија Б.

„Пауло мора да се разбуди и да биде постојан. Ќе одигра еден маестрален натпревар и после го нема неколку наредни. Не може да си дозволи како напаѓач да игра пет по ред и да не даде ни еден гол“, изјави Џенаро Гатузо, кој 5 месеци го водеше Палермо во Серија Б.

Picciriddu „Малиот“ на сицилијански дијалект почна да импресионира по заминувањето на Абел Хернандез во Хал и Кајл Лаферти во Норич. Аргентинецот доби повеќе простор и во тандем со Франко Васкез постигнаа 25 голови, по што Палермо се врати во Серија А.

„Ова е Дибала којшто го купив и верував во него. Ниту еднаш не сомневав во него и ми врати со голови“, задоволно истакна Маурицио Ѕампарини.

Досега сезонава Пауло Дибала даде 5 голови, против Џенова, Удинезе и Чезена, Наполи и Милан. Ѕампарини го проценува на 42 милиони евра и веќе му понудил нов договор. Аргентинецот е врзан со Палермо до 2016. година, а најголем интерес за него покажа Арсенал, кој сака уште во јануари да го купи напаѓачот. Освен аргентински, Дибала има уште и полски и италијански пасош, па со оглед на тоа дека не постои шанса да игра покрај Меси, Игуаин, Тевез, Паласио, Лавеци и Агуеро, италијанскиот селектор Антонио Конте сака тој да заигра за Италија.

Палермо во недела игра од 15:00 против Парма, а вие внимавајте на Picciriddu со бројот 9.

Лична карта: Пауло Дибала
Роден: 15 ноември 1993. година
Место: Лагуна Ларга, Аргентина
Кариера: Институто Кордоба 2011-12, 40 настапи - 17 голови, Палермо 2012 - , 66 настапи - 12 голови
Прототип на играч: Винченцо Монтела, Серхио Агуеро