Пандев: Ме бараат во Кина, а од „Академија Пандев“ немам понуда

Покрај сериозните планови и проекти за кои зборуваше, нашиот напаѓач со најбогата меѓународна кариера малку и се пошегува со новинарите на своја сметка.

По завршувањето на презентацијата на сите идни проекти на „Академија Пандев“, македонскиот репрезентативец доби новинарско прашање за тоа дали можеби неговата желба е токму во „Академија Пандев“ да ја заврши кариерата, а тој одговори:
„Мојот договор со Џенова заврши и сега сум слободен играч, но немам понуда од мојот клуб, веројатно сакаат помлади играчи, јас имам 34 години“, се пошегува Струмичанецот.
Пандев потоа рече дека има понуди од Кина, Турција и Полска, но дека неговата желба е кариерата да ја заврши во Италија, каде инаку живее уште од 2001-ва година откако заигра во младинскиот тим на Интер заедно со Аце Стојков.
 
Со оваа негова изјава се поклопува и она што денеска го изјави неговиот менаџер Леонардо Корси за calciomercato.com.
 
„Од петок Горан ќе биде слободен играч, но тој веќе ја кажа својата желба дека и покрај тоа што има други понуди, приоритет му е ако има можност да остане во Џенова. Тука му е одлично, вклучувајќи го односот со клубот, играчите, навивачите и пред се тренерот. Со Иван Јуриќ имаат взаемна почит. Хрватскиот стратег почека на стартот од сезоната кога не му одеше и потоа му даде минутажа, а тој на крајот од сезоната постигна важни голови за опстанок на Џенова во елитата“, вели менаџерот на Пандев.
Инаку Корси му е менаџер и на Стефан Ристовски за кој доби прашање дали е вистина дека токму Џенова е заинтересирана за неговите услуги.
 
„Не сум добил официјална понуда за него, но тоа што им се допаѓа во Џенова не ме изненадува. Познавајќи ја играта на Јуриќ, Стефан би му бил идеален играч. Тој е многу созреан и сега е важен играч по крилна позиција. Не знам дали го видовте неговиот гол против Шпанија: трк од 50 метри со кој го мина Серхио Рамос и потоа со силен удар под пречка го матираше Де Хеа кој можеше само да гледа. Во таа акција Стефан делуваше импресионирачки. Инаку голот го даде на асистенција на Пандев, но не ме прашувајте како му ја даде таа топка, јас и на забавена снимка не можев да сфатам како му ја сврте. Скоро бевме на ручек и ми објасни дека тоа го сторил со лева надворешна. Леваците се непредвидливи, тоа секогаш ми го кажуваше и мојот учител, големиот Карло Бјаџоти.
27 јуни 2017 - 14:41