Падобранецот кој се шверцуваше на Сан Сиро

Дека финале од Лига на шампиони по дифолт значи беспрекорна организација ќе ве побие со факти еден дечко од Италија, кој без да измисли топла вода успеа да влезе гага и тоа го направи релативно лесно и елегантно без помош од никого.

Гаспаре Галасо е навивач на Палермо и можеби единствен меѓу 71,942-те гледачи кој викендов успеа да влезе на диво и да го гледа финалето од Лигата на шампиони меѓу Реал и Атлетико без карта.

Тој не направи балканска финта од типот дека вратарот му е прв братучед и поради тоа непречен од никого има право да влезе без пари, туку се маскираше во член на обезбедувањето и мртов ладен се појави на стадион.

„Кога прочитав во весниците дека мечот ќе биде екстра обезбдуван си реков, да така ќе биде за сите, но не и за царот за вакви работи. Пристигнав во Милано дента кога се играше мечот, облеков елегантен костум и се приближив накај Сан Сиро. Во официјалната продавница за сувенири од ЛШ купив врвца за на врат на која пишуваше Лига на шампиони, како и пластичен беџ, идентичен како оној што го носат безбедносните служби кои се грижат за финалето. На 2 часа до стартот на натпреварот решив да се обидам да влезам без билет и тргнав на влезот наменет за полицијата и персоналот на стадионот. Редарите ми побараа карта, но поради мојата елегантна облека, беџот кој инаку ми беше малку сокриен внатре и тонот на кој им се обратив, ме пуштија без проблем“, раскажува Италијанецот кој успеа и да го сними моментот кога влезе.

Но тоа не е сè од Галасо. На крајот од мечот замина на прослава со победниците.

А најде време и за сликање со познати фаци.

На Галасо испадна дека ова не му е прво вакво искуство. Во 2012-та беше “соиграч“ на Пандев кога Наполи славеше во италијанскиот Куп против Јувентус на Олимпико во Рим.

Следен предизвик?

„Успеав да направам малку муабет со Хамес Родригез и Данило ми беше многу мерак што направив селфи со Флорентино Перез и Серхио Рамос. Ако најдам спонзор би било убаво да се обидам ова да го направам и на финалето на Светското клупско првенство во Јапонија. Можеби Реал ќе ме земе како маскота на клубот“.

30 мај 2016 - 16:00