Легендите отворено критикуваат

Овој Јунајтед е милион километри зад Барселона и Баерн

Поранешните ѕвезди на Манчестер Јунајтед жестоко ги критикуваат играчите и нивната игра за која велат дека е досадна. Овен смета дека “стариот“ Јунајтед би ја дувнал оваа група за четири кола, а Рој Кин за Руни рече дека изгледа ужасно.

По бледото издание на тимот на Луи ван Гал во 5. коло од Лигата на шампионите и мечот без голови против ПСВ по кој си го искомпликуваа патот до нокаут фазата, критиките стигнаа од Пол Сколс, Рој Кин и Мајкл Овен. Ама отворено и директно, а не како кај нас со страв да не замери некој.

Сколс за Антони Марсијал:

„Овој Јунајтед е досаден, милион километри е зад Барселона и Баерн. Што е ова со Марсијал? Изгледа како да не му е гајле дали ќе постигне гол. Делува како да не му е гајле дали ќе погоди или ќе промаши. Како напаѓач кој сака да дава голови, тоа мора да го прави. Но воопшто не делува така и затоа мислам дека е подобро Јунајтед во јануари да најде нов голгетер“.

Кин за Вејн Руни:

“Вејн Руни изгледаше ужасно на терен, што се случува со него? Му недостасуваше концентрација и оној препознатлив квалитет, но неговата вина е иста како на сите останати играчи. Како капитен, мора да се истакне. Сè што Вејн Руни направи за Манчестер е апсолутно неверојатно, неговиот биланс на постигнување голови е извонреден. Но сега како капитен мора да почувствува поголема одговорност и да мора повеќе да ја влече екипата“.

Поранешниот капитен на Манчестер коментираше и момент од приватниот живот на Руни кој скоро беше специјален гостин на една борба со кечери.

„Често ми се случува да прашам што прават некои играчи надвор од терен. Минатата недела го гледав Руни како шамара кечер и прашав: Зошто по ѓаволите му треба ова? Тоа не му помага во кариерата. Во ред е да излезе и да ужива во слободно време, но тој треба да биде пример за другите. Тој не беше тоа што треба да биде таа ноќ. Не изгледа добро, изгледа ужасно, психички и физички“.

Мајл Овен прави паралела:

“Стариот Јунајтед би ја дувнал оваа група и би се квалификувал во нокаут фаза по четири кола. Неверојатно е како и понатаму имаат шанси да се пласираат во следна фаза. Овој тим нон стоп се брани, заедно со напаѓачите, а во офанзива го нема нигде. Нивната игра едноставно е еднодимензионална.“

Сколс на истата тема:

„На Манчестер сериозно му треба квалитет и напад. Одбраната игра подобро, но можете да се браните вие колку сакате, а ако немате напаѓачи кои можат да направат малку магија, сè е бадијала. Погледнете ги што прават Барселона и Баерн. Имаат напаѓачи кои во секој момент можат да направат разлика“.

27 ноември 2015 - 17:05