Офсајд лик: Есекијел Лавеци

Располага со две куќи, две коли, личен готвач и шофер, а неделно на сметка му легнуваат 580.000 евра. Ова се привилегиите на “наследникот на Марадона“ во Кина кој според сработеното до сега, заслужува да го избркаат на клоци.

Во нашата омилена рубрика на Офсајд ликови минатата недела сосема заслужено влезе Карлос Тевез, кој беше елиминиран во квалификациите за ЛШ во Азија од австралиска екипа каде платите на сите играчи заедно не ја достигнуваат онаа на најплатениот играч во светот.

Оваа недела на истото место доаѓа уште една ѕвезда од кинескиот фудбал која има статистика како на бек. Учинокот на Лавеци во последните 12 месеци за Хебеј е следен:

10 натпревари – 0 голови.

Последниот официјален меч, Лавеци го одигра во мај минатата година, а еден месец подоцна ја скрши раката за време на полуфиналето од Копа Америка против САД. Потоа мораше да замине на операција, а се врати во ноември за квалификацискиот мундијалски меч против Бразил.

31 годишниот напаѓач пред четири дена на неговиот Инстаграм профил објави слика од пријателски меч под која навивачите го тролаат, како е можно напаѓач со годишна плата од 27,5 милиони евра да нема постигнато гол цела година.

Лавеци во Хебеј игра заедно со Мбија, Какута и Жервињо, а тренер им е Мануел Пелегрини. Се работи за клуб кој постои само пет години и зад кој стои една од најголемите градежни фирми во Кина.

14 февруари 2017 - 14:57