Од каде излезе Лестер толку јак?

По вчерашниот убедлив триумф над најголемиот ривал за титулата и најскап тим во Премиер лигата, Лестер почна да ги предомислува и скептиците кои не веруваат во нивно освојување на титулата. Кои 11 играчи и тренер прават чудо сезонава?

Каспер Шмајхел, голман, 29 години

25 натпревари сезонава, 27 примени голови. Син на Питер Шмајхел, кој во Англија бранеше за Манчестер Сити е херој на Лестер годинава.

Дени Симпсон, десен бек, 29 години

Одигра 18 меча досега сезонава. Воспитуван во Манчестер Јунајтед, овој фудбалер своето место го најде во Лестер каде игра фантастична сезона. На десната бековска позиција, Дени Симпсон дојде на местото на Ричи де Лает кој е позајмен во Мидлзброу.

Вес Морган, стопер, 32 години

Јамајчанецот се појави на 25 натпревари сезонава. Капитен на екипата на Лестер и легенда на англиските пониски дивизии. Цели 10 години играше за Нотингем Форест.

Роберт Хут, стопер, 31 година

24 меча, 3 гола. Поранешен играч на Челси. Има 19 настапи за германската репрезентација. Лани во Стоук го сметаа за непотребен, а годинава е меѓу петте најдобри стопери во Премиер лигата. Со два ефектни гола беше најзаслужен за победата на Лисиците вчера против Манчестер Сити 1:3 на Етихад.

Кристијан Фукс, лев бек, 29 години

19 средби досега сезонава. Капитен на Австрија, кој во Лестер дојде бесплатно, без обештетување како поранешен играч на Шалке.

Н’Голо Канте’, средина на терен, 24 години

25 натпревари, 1 гол. Дојде лани од францускиот Кан за 8 милиони евра и е најдобар box-to-box играч во Премиер лигата. После Варди и Марез, Канте’ е најомилен играч кај навивачите.

Даниел Дринквотер, средина на терен, 25 години

23 меча, 1 гол. Уште едно дете на Манчестер Јунајтед кој се докажуваше во Чемпионшип. Го храни Варди со долги топки во текот на целата сезона.

Марк Олбрајтон, крило, 26 години

25 меча, 1 гол. Пред неколку сезони беше најголема надеж во матичниот клуб Астон Вила, која сепак реши да не му го продолжи договорот во 2014-та година. Сега Вила би можела да испадне во втората лига, а Лестер да ја освои Премиер лигата.

Риад Марез, крило, 24 години

24 меча, 14 голови. Главниот творец на успехот на Лестер и европска играчка сензација. Дојде од францускиот Ле Авр за 350.000 фунти и се испостави како најдобар трансфер во Премиер лигата во последните пет години.

Синџи Оказаки, напаѓач, 29 години

23 меча, 4 гола. Најголема ѕвезда на јапонскиот фудбал во моментов. Дојде во Лестер за 7 милиони фунти, а тренерот Раниери најчесто го ротира со аргентинската ѕвезда Леонардо Улоа.

Џејми Варди, напаѓач, 29 години

Најдобрар играч на екипата и најдобар стрелец во Премиер лигата. За неговиот фудбалски пат ќе се снима филм.

Клаудио Раниери, тренер, 64 години

По катастрофалните резултати како селектор на Грција, Раниери некако незабележително и од сенка стана тренер на Лестер. Екипата игра како препородена со него и е многу близу до историска титула во Премиер лигата. Ги победи далеку побогатите и пореномирани клубови во Англија сезонава.