Од граѓанска војна до солзите на Меси - сите Ел Класико финалиња

Реал Мадрид - Барселона 3:3. Купот на Кралот во 112-та годишната историја приреди шест Ел Класико финалиња и до сега резултатот е израмнет во пресрет на вечерашната битка.

1936: Реал Мадрид - Барселона 2:1

Прв пат Барселона и Реал Мадрид се сретнаа во финалето на Купот на Шпанија во 1936-та година, на помалку од еден месец пред почетокот на граѓанската војна во оваа земја.

Ова финале е запаметено по одбраната на легендарниот голман Рикардо Замора чие име го носи годишната награда за најдобар голман во Шпанија.

Најдобриот шпански голман на сите времиња кој е роден во Барселона и има освоено два куп трофеи со овој тим, на ова финале бранеше за ривалот и со фантастична одбрана во последните секунди ја осигура куп титулата за Реал Мадрид.

Купот потоа не се играше се до 1939-та година заради шпанската револуција.

1968: Барселона - Реал Мадрид 1:0

Барселона мораше да чека повеќе од три декади за да му се одмазди на Реал Мадрид, а тоа го стори на Сантјаго Бернабеу. Барса ја освои титулата со автогол уште од шестата минута и го освои тогашниот Copa del Generalisimo, а трофејот го прими директно од човекот чие име го носеше ова натпреварување, шпанскиот диктатор Франциско Франко.

1974: Реал Мадрид - Барселона 4:0

Барселона предводена од Кројф го совлада Реал Мадрид со 5:0 во првенството, па мадриѓаните сакаа одмазда. Во прилог на Реал Мадрид одеше и правилото со кое на странците им беше забрането да играат во купот, па така Барса без Кројф загуби со 4:0.

1983: Барселона - Реал Мадрид 2:1

Финалето во 83-та година се памети по многуте искри на теренот и острите стартови, а најчеста мета беше Марадона. Трофејот го освои Барса, а фудбалерите на Реал Мадрид таа сезона го добија прекарот „вечно втори" затоа што завршија втори во шпанската Примера, Купот, Лига Купот, Купот на победниците на куповите и шпанскиот Суперкуп.

1990: Барселона - Реал Мадрид 2:0

Барса повторно го освои трофејот во 1990-та година со голови во второто полувреме откако во првиот дел Реал Мадрид остана со играч помалку по исклучувањето на Хиеро. Ова беше прв трофеј за Барса под водство на Кројф на кого му се закануваше отказ, но си ја задржа работата и ја спаси сезоната на неговиот тим со оваа титула.

2011: Реал Мадрид - Барселона 1:0

Жозе Мурињо тогаш го освои неговиот прв трофеј со Реал Мадрид. По 90 минути без голови, победата ја обезбеди Кристијано Роналдо во продолжението.

На овој натпревар на Барселона и беше поништен гол, па по дуелот Гвардиола и Мурињо се препукуваа на прес-конференции.

Ова финале остана запаметено и по уништениот пехар кој Серхио Рамос го испушти од автобусот за време на прославата, како и солзите на Лионел Меси во соблекувалната.

2014: Барселона - Реал Мадрид ???

16 април 2014 - 15:20