Новите правила за вечерашното полуфинале Јуве – Милан

Играчите може да протестираат кај судиите, ама од дистанца, бидејќи ако тоа го прават како до сега, апла ќе ја прекршат најважната мерка која е на прво место во цела планета.

Толку беше долга паузава, што веќе и подзаборавивме каде застана фудбалот, бидејќи не сме доживеале до сега три месеци без фудбал. Јули обично има квалификации за ЛШ и ЛЕ, а веќе во август стартуваат првенствата.

Ако не се случеше коронавирусот, денеска ќе беше голем фудбалски празник, а тоа е ЕП 2020, но наместо репрезентативен континентален шампионат, летово ќе гледаме клупски и тоа во најважните европски лиги кои ги очекуваме со нетрпение.

По стартот на Бундеслигата, како еден вид најава за италијанско кое стартува следен викенд, вечерва во 21:00 часот во полуфиналето на Купот на Италија ќе се судрат Јувентус и Милан. На Сан Сиро играа на 13 февруари, Ребиќ отвори за 1:0 во 61-ва, а Роналдо израмни од пенал во 91-ва.

Што е тоа што ќе биде различно од првиот дуел поради опасниот Ковид 19?

Мерката број 1, за жал, но пред сè поради здравјето на луѓето е тоа што ќе мора да играат без публика, што значи телевизорот е единствената опција и за ултрасите на кои ќе им биде необично да гледаат од дома.

Најголемата мака која сигурно ќе ја имаат фудбалерите е тоа што за да ја заокружат сезоната што побрзо, ќе мора да бијат битки на летни температури и тоа на секои 3-4 дена или поточно во распоред недела – среда – недела.

Во тој контекст измените ги зголемија од 3 на 5, а тоа значи дека половина тим ќе може да биде поштеден порано за да собере енергија за следното коло.

Но за да не се губи многу време, петте измени ќе мора да се направат во три моменти во текот на 90 минути или се разбира на полувреме. Така, на оној што води, му се крати можноста да задржува време пет пати.

Ова правило се донесе во цела или речиси во цела Европа, но она што Италија го реши за разлика од другите, е да ги поштеди на уште еден начин полуфиналистите во Куп: Јуве, Милан, Наполи и Интер.

Ги укинаа продолженијата и во полуфинале и во финале, што значи дека вечерва ако повторно биде 1:1, веднаш ќе се изведуваат пенали. Тоа е заштеда од можни 30 минути напор во очи на турбо распоредот кој им престои.

12 јуни 2020 - 16:01