Нова поголема казна од УЕФА за ФФМ

По паричната казна на мечот против Луксембург од 12.000 евра, фудбалската федерација сега ќе треба плати уште една од 15.000.

Одделот за контрола, етика и дисциплина на УЕФА повторно го регистрираше користењето на ласери на стадионот „Филип Втори“ и овој потег на навивачите ќе го санкционира со парична казна од 15.000 евра.

Тоа се случи на квалификацискиот меч против Словачка одигран на 15 ноември, кој нашите репрезентативци го загубија со 2:0. Претходно на средбата против Луксембург за истиот гест на навивачите, ФФМ беше казнета со 12.000 евра.

Европската куќа на фудбалот во иднина најави уште поголеми казни за такво дело доколку се повтори на следните квалификациски дуели, како и казни за навредливи скандирања на верска, расна, национална основа и користење транспаренти со политичка конотација.

Следната пресметка во рамките на квалификациите за ЕП 2016, Македонија го игра на домашен терен против Белорусија на 27 март идната година.

26 декември 2014 - 10:57