Напаѓачот кој наместо Милан и Серија А одбра да биде сурфер

Човекот кој и денеска го застануваат на улица навивачите на Милан, веќе 10 години не е дел од најважната споредба работа во светот. Спортот каде се вртат милијарди тој го напушти на само 28 години за да има слободен авантуристички живот.

Се сеќавате ли на Џани Командини? На ова прашање веројатно лесно ќе одговорат навивачите на Милан кои гледаат италијанско првенство од пред 15 години. Играше во друштво на Малдини, Костакурта, Гатузо, Шевченко и компанија, но за него не може да се каже дека е легенда бидејќи на Сан Сиро престојуваше само една сезона 2000/2001 и на 18 меча постигна само 3 гола.

Првиот во квалификацискиот меч од Лигата на шампионите против Динамо Загреб кој Милан го доби со 3:1, а другите два се посебни и му донесоа слава. Ги постигна во градското дерби против Интер кога Росонерите го декласираа Интер со 6:0, а Командини беше двоен стрелец.

И покрај тоа што со тие два гола во градско дери, Џани стана ѕвезда во Милано каде го застануваа за сликање и автограм, тој одбра друг живот кој му донесе поголема слобода во која најмногу ужива да шета и сурфа.

„Бајката е нешто спротивно од фудбалот, таму нема правила, нема саатници, никој не ти кажува кога да сурфаш, со исклучок на природата нели, дали морето е мирно или не. Тоа е спорт кој дава поголема слобода. Фудбалот е еден друг и комплициран свет, каде амбиентот е емотивен и каде има малку човештво. Тоа не ми одговараше и решив да го шетам светот, но не по скапи хотели, туку го ставам ранецот на рамо, купувам билет и тргнувам. Спиев насекаде, по хостели, на плажа и бев шест месеци во Бразил, Пуерто Рико, Панама, една година во Мексико, Австралија, Фиџи, Нов Зеланд, Перу, Канарски острови“, вели Командини.

По една сезона во Милан, Командини го направи најскапиот трансфер во историјата на Аталанта кога замина во Бергамо за сума од 30 милијарди лири (15 милиони евра), а кариерата ја заврши во Тернана во 2006 година.

Покрај тоа што авантуристичкиот дух го храни со пат околу светот, а адреналинот му игра на немирно море, Џани држи ресторан-дискотека, каде истовремено е и ди-џеј.

„Нема полошо од тоа да работите нешто што не ве исполнува. Јас бев незадоволен, фудбалот ми тежеше. Точно е дека се откажав од многу пари, но колку повеќе години живот заработив? Последните десетина години го правев тоа што сакав и тоа нема цена. Имам среќа да живеам едноставно, немам ниту вила, ниту Ферари, а не дека не можам да имам. Ретки се тие што ме разбираат и кои се сложуваат со мојот избор, но луѓето мислат дека животот почнува и завршува со фудбал, не е така. Јас направив радикален чекор, но го почитувам изборот и на другите. Во животот секој прави тоа што смета. Ако на некој му се игра фудбал до 40 години, нека го прави тоа“, смета поранешниот член на Милан.

Командини фудбалот го напушти по 55 настапи и 9 голови во Серија А и 94 настапи и 37 голови во Серија Б.

Головите на Командини против Интер на 1:15 i 2:40

4 март 2015 - 12:26