Најскапоцениот меч вечерва не се игра во Милано

По пласманот на Барнли и Мидлзборо, вечерва ќе го дознаеме и третиот нов Премиерлигаш за следната сезона. На Вембли во финалето на плејофот, Хал Сити и Шефилд Венздеј ќе играат не само за пласман во елитата, туку и за 200 милиони фунти.

Иако вечерва целата планета ќе биде фокусирана на финалето на Лигата на шампионите (20:45), во Лондон ќе се игра далеку побогат натпревар. Богат за победникот секако. Минатата година, пласманот во Премиер лигата на новајлиите им донесе 120 милиони фунти. Годинава сумата порасна до астрономски 200 милиони фунти.
 
Барнли и Мидлзборо како први две екипи обезбедија директен пласман, а третиот патник ќе се дознае вечерва. Хал Сити испадна од Премиер во 2014/15, додека Шефилд Венздеј нема помирисано премиерлигашки фудбал цели 16 години, од 2000-та. Шефилд Венздеј веројатно ќе има повеќе навивачи, затоа што нивниот клуб откупил 39.000 влезници, а Хал 27.000.
 
Според анализата на Делоит Спортс Бизнис групата, Шефилд Венздеј би заработил 170 милиони фунти само од пласманот. Во случај на триумф, Хал Сити би добил 110 милиони фунти со оглед на тоа што лани испадна од Премиер.
 
Дополнителни 40 милиони фунти победникот ќе добие и од ТВ правата. Во 2006. година сумата за пласман во Премиер била 40 милиони, од 2007 до 2009 60 милиони, од 2010 до 2010-та 90 милиони, од 2013 до 2015 130 милиони а годинава таа изнесува неверојатни 170 милиони фунти.
 
Што се однесува до составите, Уругвајскиот репрезентативен напаѓач Абел Хернандез е водечки стрелец на Хал Сити. Поранешниот шпиц на Палермо досега сезонава даде 21 гол. Токму 25-годишниот Хернандез му даде гол на Шефилд Венздеј на Хилзборо минатиот октомври (1:1).
 
Од друга страна, екипата која 16 години чека на Премиер лигата во шпицот го има Фернандо Форестиери, одличниот напаѓач кој даде 15 голови сезонава и 6 асистенции. 
 
Хал Сити е предводен од легендарниот Стив Брус кој вечерва би можел да стане рекордер со 4 пласмани од Чемпионшиоп во Премиер лигата. Шефот на Хал Сити два пати влегуваше со Бирмингем Сити и еднаш со Хал во 2013-та. Ниту еден менаџер нема поголемо искуство од него во плејофот. Тренер на Шефилд Венздеј е Карлос Карвахал кој во Англија дојде лани, во 2015-та. Во неговата татковина, Карвахал го внесе второлигашот Виторија Сетубал во 2003/2004 во првата Примеира лига.
 
Што се однесува до моменталната форма, Хал беше меѓу првите две екипи речиси цела сезона, но паднаа во февруари кога им дозволија на Барнли, Мидлзборо и Дерби Каунти да се искачат на врвот. Шефилд Венздеј во меѓувреме го фати последниот воз за плејофот пред Ипсвич и Кардиф Сити. Тие загубија само 2 од последните 11 средби сезонава.