Најлудиот пенал во кариерата на Тоти за кој има книга

На 29. јуни 2000-та Тоти со луда храброст го изведе сега веќе фамозниот пенал, го испружи Ван дер Сар колку што е долг и ја однесе Италија во финале на Европското. Незаборавен гол за филм.

„Кој не направи лобче ако има пенали еве на...“, ги плашел Тоти, Џиџи Ди Бјаџо, Малдини и другарите во и онака големата тензија на неколку часа пред полуфиналето со Холандија. Навидум шега меѓу играчите додека едни пробувале да се опуштат со пинг-понг, други со Сони Плејстејшн, трети со билијард.

Па зарем е некој луд во полуфинале на Европско да ја намести топката на белата точка и ноншалантно да проба лобче (Паненка)?

На „Амстердам Арена“ се играше големото полуфинале Холандија - Италија. „Лалињата“ како домаќини на Европското 2000 заедно со Белгија, беа фаворити пред мечот, но Аѕурите водени од Дино Ѕоф и покрај отсуствата на Џиџи Буфон и Кристијан Виери поради повреди, не кренаа бело знаме.

Италија стигна до полуфиналето како прва во групата со сите три победи и само 2 примени гола. Во четвртфиналето ја совладаа Романија 2-0 со головите на Тоти и Инзаги.

Но во полуфинале друга приказна затоа што Холандија имаше страшен состав и преку 60.000 свои навивачи. Мечот почна од 18 часот а Италијанците многу брзо останаа со играч помалку по исклучувањето на Џанлука Ѕамброта (втор жолт).

Холандија тргна со сите сили, но Толдо правеше чуда. Во 38’ минута пенал за домаќинот, шутира Франк Де Бур а Толдо брани. Во 62’ минута шок: втор пенал за Холандија. Јулиано лизгаше невнимателно и го фаулираше Едгар Давдис. Овој пат топката ја зема Патрик Клајверт кој до тој момент постигна 5 гола на Евро. Но Толдо смирен направи уште едно чудо и одбрани втор пенал.

Следуваа продолженија па пенал-рулетот. А таму Толдо ги бранеше ударите на Франк Де Бур, Стам и Пол Босвелт. За Италија дадоа голови Ди Бјаџо, Песото и на крајот големиот ’Ческо. Лобче кое што го испружи Ван дер Сар колку што е долг за прекрасен гол. На крајот Тоти призна дека штосот го научил во Тригорија (тренинг базата на Рома) од големиот Руди Фелер.

„Овие работи ги правиш или ако си будала или ако си храбар, трето нема. А јас будала, фала Богу не сум“, изјави големиот Тоти тогаш.

Залет, поткопана топка, Едвин Ван Дер Сар на една страна, а топката со бавна парабола слатко влегува во мрежата. Гол! Франческо Тоти тоа попладне на 29. јуни 2000-та (денешен ден пред 17 години) стана најхрабриот изведувач на пенал. Неговото „лобче“ стана препознатлива марка. Copyright на големиот капитен.

Денес, на растојание од 17 години, лобчето е уште омилен дел од кариерата на Тоти. Тоа ја претставува неговата класа и естетика. На тој фамозен пенал од полуфиналето на ЕП 2000 Тоти му посвети и книга со наслов „Mo je faccio er cucchiaio” (римски дијалект на „ќе изведам лобче“).

Во овие страници Франческо се навраќа на вечерта од „Амстердам Арена“ и раскажува за моментите на тензија како и за тоа кога ги плашел Малдини и Ди Бјаџо пред да шутира.

Тоти го опишува дијалогот:

Ди Бјаџо: „Франчè, страв ми е еј.
Тоти: ’Ајде, на кого му кажуваш, види го колкав е оној (мисли на Ван дер Сар)?’
Ди Бјаџо: ’Е сега многу ме охрабри’.
Тоти: ’Не се секирај, ќе му направам лобче’
Малдини: ’Да не си полудел?! Во полуфинале сме!’
Тоти: ’Ако, ако, ќе му направам лобче’.

Ветено - сторено.