Најголемиот кикс во историјата на Блекбурн

Во 1992 година беа удрени темелите на новата англиска прва лига под името Премиер лига. Првата и втората сезона ги освои Манчестер Јунајтед со Фергусон, а третата беше изненадување бидејќи пехарот го крена Блекбурн, тимот со голем пропуст од епски размери.

Кени Далглиш и Тим Шервуд

Човечки е секој да погреши, нормално. Да не се искористи потенцијалот на млад и талентиран фудбалер исто така е човечки, ама овој пример некако не е за простување, бидејќи не се работи за било кој талентиран фудбалер.

Грешката оди директно на адреса на покоен Џек Вокер, претседателот на Блекбурн кој почина во 2000-та година. Сезоната 1994/1995 година ја освои токму Блекбурн кој му избега на Манчестер само бод.

Им престоеше тешка сезона, во која како бранител на титулата требаше да се борат и на најтешкиот фронт наречен Лига на шампиони. За таа цел, тренерот Кени Далглиш во офанзивата предводена од Алан Ширер и Крис Сатон даде предлог да се купи играч кој ќе ги храни со топки.

Ни повеќе, ни помалку мислеше на еден млад француски талент од Бордо по име Зинедин Зидан. Од него сè уште не беше излезено најдоброто, но веќе се наметнуваше како голем играч со 18 голови и 30 асистенции во 3 сезони за Бордо. Две години беше прогласуван за најдобар млад играч на годината во Франција, а во 1995-та со Бордо го освои Интертото Купот.

Очите на пола Европа беа вперени кон младиот Зидан, а кога Далглиш му го предложи на газда Вокер, овој му одговори:

„Зошто толку инсистираш да го купиме Зидан кога го имаме Тим Шервуд“?

Џек Вокер so Алан Ширер

Инаку Џек Вокер кој од 1991 година беше прв човек на Блекбурн, потроши 25 милиони фунти за засилувања, што за тоа време беа многу пари.

Во 1992 година го купи Алан Ширер од Саутемптон за рекордни 3,3 милиони фунти, а две години подоцна со потписот на Крист Сатон од Норич за 5 милиони фунти, направи нов рекорден трансфер во британскиот фудбал.

Но да се биде моќен, а да не се купи фудбалерот кој важи за еден од најдобрите играчи од среден ред во историјата, треба навистина човек да има проблем. Можеби лежи во тоа што братучед на Вокер му е Рој Хоџсон.

25 јануари 2017 - 16:12