Најголемиот малер меѓу тренерите кој загуби 10 финалиња

Хектор Раул Купер е познат аргентински тренер кој во кариерата (тренерска) изгуби шест финалиња а во онаа играчката изгубил четири финалиња. Нема поголем малер меѓу тренерите.

Јавноста се сеќава на Купер најмногу по тоа што како тренер на Интер имаше „на тацна“ Скудето, но во последното коло го прокоцка со поразот од Лацио 4:2. Во неделата Хектор Купер како селектор на Египет го загуби и шестото од шесте големи финалиња во последните 25 години.

Во дуелот за златото на Африканскиот Куп на Нации, Египет на Купер поведе против Камерун во 22. минута со голот на Елнени, имаше контрола над мечот, но во вториот дел следуваше пресврт.

Камерун се врати преку Н’Колу во 60. минута а на минута пред крајот Купер тажно гледаше како му „замина и последниот воз“ за евентуален трофеј во богатата кариера кога Абубакар сам меѓу тројца даде ефектен гол и му ја донесе титулата на Камерун.

Купер тренерската кариера ја започнал одлично затоа што во 1996 година како тренер на Ланус го победил Санта Фе од Колумбија и го освоил КОНМЕБОЛ Купот, натпреварување кое живееше само седум години и беше пандан на европскиот Куп на УЕФА.

ФИНАЛЕ НА ШПАНСКИ КУП 1997/98: БАРСЕЛОНА - МАЈОРКА 1-1 (пенали 5-4)

По успешниот старт во родната Аргетина, Купер седна на клупата на Мајорка и уште во првата сезона (1997/1998) ги донесе Островјаните до финалето на Копа дел Реј каде на пенали изгуби од моќната Барселона со Ривалдо и Луис Фиго. Продолженијата Мајорка ги играше со играч помалку но успеа да стигне до пеналите. А таму започна малерот на Купер:

ФИНАЛЕ КУП НА КУПОВИ 1998/99: ЛАЦИО - МАЈОРКА 2-1

Претежно во секое финале неговиот тим беше во улога на аутсајдер или барем полош финалист. Следната 1998/1999 со Мајорка стигна до финалето на реномираниот Куп на победници на купови каде ги чекаше Лацио со Недвед, Виери, Салас, Верон и Купер пак од финале излезе како поразен.

Следната сезона Купер покажа дека е голем тренер откако го освои третото место зад вечните ривали Барса и Реал во Ла Лига а тоа го препорача во богатата Валенсија која не беше при врвот.

ФИНАЛЕ НА ЛИГА НА ШАМПИОНИ 1999/00: РЕАЛ МАДРИД - МАЈОРКА 3-0

Токму во Валенсија тренерот Купер ќе ги загуби двата најголеми меча во кариерата. Стигна до финалето на Лига на шампиони 2000-та, Валенсија играше прекрасен фудбал, но не можеше со Реал на Мориентес, Раул и Стив МекМанаман.

ФИНАЛЕ НА ЛИГА НА ШАМПИОНИ 2000/01: ВАЛЕНСИЈА - БАЕРН МИНХЕН 1-1 (4-5 пенали)

Следната 2001 Валенсија повторно со Купер стигна до финалето на ЛШ, победи многу тешки противници, но на последната скала им се испречи Баерн Минхен кој победи на пенали (Оливер Кан бранеше како луд).

И покрај поразите во финалињата, Купер веќе стекна репутација на одличен тренер и во 2001 година потпиша со Интер. Таму на располагање ја имаше можеби и најдобрата генерација која некогаш играла за овој клуб. Не загуби ниту едно финале, но за три сезони завршуваше еднаш трет и два пати втор.

ПОСЛЕДНО РЕШАВАЧКО КОЛО ЗА СКУДЕТО 2001/02: ЛАЦИО - ИНТЕР 4-2

Навивачите на Интер уште жалат по загубеното скудето во последното коло од сезоната 2001/02 кога изгуби 4:2 од Лацио иако титулата веќе беше во рацете на Интер (на Лацио не му требаше за ништо, но Интер не го искористи тоа и шампион стана Јувентус.

ПОЛУФИНАЛЕ НА ЛИГА НА ШАМПИОНИ 2002/03: ИНТЕР - МИЛАН 1-1

Во сезоната 2002/03, во полуфиналето на Лига на шампиони Интер со Купер загуби од градскиот ривал и тоа без пораз туку со примен гол на гости (условно на гости со реваншот). Таквите удари уште ги болат навивачите на Интер кои не сакаат да слушнат за Купер.

ФИНАЛЕ НА ГРЧКИ КУП 2010/11: ПАНАТИНАИКОС - АРИС 1-0

Од тој момент репутацијата на Аргентинецот стрмоглаво почна да паѓа па водеше просечни екипи како Бетис, Мајорка, Парма, репрезентацијата на Грузија.

Во сезоната 2009/10 дојде и во Грција и стана тренер на Арис. После цели девет години без финале, Купер доби шанса да го разбие малерот но во 2010-та Панатинаикос со фантастичниот Лето му го зема Купот пред носот.

ФИНАЛЕ НА АФРИКАНСКИ КУП НА НАЦИИ 2017: ЕГИПЕТ - КАМЕРУН 1:2

Пред финалето на Африканскиот Куп на Нации во Габон 2017, Купер бурно се нервираше на новинарските потсетувања за сите загубени финалиња во кариерата.

„Не знам, можеби ќе одам во кино, нема да го гледам финалето“, изјави Купер пред мечот Египет - Камерун кој Египќаните го загубија во 89’ минута.