Најчудните забрани за фудбалерите

Манчестер Сити минатиот викенд го доживеа првиот пораз во Премиер лигата под водство на Пеп Гвардиола, а тој за казна им забрани да користат интернет. Тоа не е ништо кога ќе ги видите што забрануваа други тренери.

Нема Wi Fi, ниту 3G или 4G за фудбалерите на Манчестер Сити, а тоа значи нема користење Whatsapp, Viber, Instagram, Facebook, апликации кои секојдневно се користат на мобилните телефони. Тоа е најновото правило кое Гвардиола го донесе на Етихад, а кога стана тренер побара од играчите да вечераат сите заедно.

Многу појак беше Неил Ленон кога стана тренер на Болтон.

„Фудбал да не се игра со волнена капа? Не, епа тогаш не сакам да видам да ги носите ни на тренинг“, рече Ленон на првата прес конференција пред две години и потоа на тренинг се појави со волнена капа.

Сер Алекс Фергусон на пример во 2010 година им нареди на младинците на Манчестер Јунајтед да носат само црни кондури, барем додека стигнат до прв тим. На тема мода најнејасен е Александар Зорнигер од Штутгарт кој не им даваше на фудбалерите да користат големи слушалки за слушање музика.

„Фудбалер од метро и седумдесет изгледа смешно кога носи големи слушалки колку главата“, изјави Зорнигер.

Што се однесува до јадењето, Пипо Инѕаги веројатно е единствениот кој во иста чинија ставил да јаде тестенини, сушено говедско место и плазма кекс и нема право тоа да му го наметнува на друг. Дејвид Мојс во Манчестер Јунајтед не даваше да се јадат пржени компири пред натпревар.

Арсен Венгер освен пиво и цигари на Топџиите им забрани чоколадо Марс, Хуанде Рамос во Тотенхем стави вето на Јафа кекси, а капитенот на Ренџерс, Бери Фергусон не смееше повеќе да јаде помфрит од "Monster Munch".

Селекцијата под водство на Трапатони пред меч не смееше да помисли на печурки, а кај Паоло Ди Канио во Сандерленд листата беше долга. Тој не дозволуваше кечап, мајонез, кафе, газирано, како и користење на телефони и пеење во соблекувална дента кога се игра натпревар.

„Заврши времето кога некој играч може да дојде во соблекувална и да се фали дека претходната вечер испил седум пива. Ако некој ми дојде со мобилен во соблекувална, ќе му го фрлам во море“, рече Ди Канио.

Разни забрани за фудбалерите обично има и на големите натпреварувања, па така на Мундијалот во Бразил, Луис Фелипе Сколари им посочи на репрезентативците дека смејат да имаат само „нормален“ секс со образложение дека некои правеле многу акробации па така може да се повредат.

Рајмонд Доменек ја отвораше темата хороскоп и не ги сакаше Скорпиите. Роберт Пирес беше роден на 29 октомври и не беше дел од составот за Светското првенство 2006 година.