Интервју со македонскиот репрезентативец

Муарем: За Милано нè испраќаа пејачи маскирани во полицајци

Во Баку го имаме Карас со кој муабетевме додека беше дел од Лудогорец. Таму е и Славчо Георгиевски, а во истиот град веќе четврта сезона настапува Муарем Муарем. Поради воен конфликт на границата со Ерменија, неговиот клуб веќе две децении е принуден да игра само како гостин. Синоќа во Украина беше клучен играч во победата.

Како ти се случи трансферот во Азербејџан и зошто токму Карабах?

Тоа беше периодот кога игравме квалификациски меч за Лига Европа против Лацио. Моето заминување беше малку проблем бидејќи истекуваше рокот за трансфери и Работнички не можеше да најде играч кој игра на моја позиција, но некако се договоривме и потоа заминав. Претходно играв 6 месеци во Турција, можеби и таму ме прателе, но мислам дека квалитетите ми ги видоа во Рим и покрај тоа што изгубивме.

Од 1993-та година, Карабах престана да тренира и да игра во својот град. Запознаен ли си со таа црна историја кога тренерот на клубот бил погоден со граната за време на воениот конфликт со Ерменија и дали е сега безбедно за вас играчите?

Кога потпишав во Карабах, 6 месеци играв во градот, но одевме таму само кога имавме натпревари. Проблемите со Ерменците се случуваа блиску до нас, мислам дека на околу 10-15 км, но сепак се чувствувавме безбедно. Немаше некои поголеми проблеми но судирот траеше, а понекогаш за време на мечевите слушавме и пукање.

Претставува ли тоа проблем за навивачите со оглед на тоа што не играте дома? По колку ве бодрат на натпревар?

Градот од каде што е нашиот клуб е многу сиромашен и за луѓето е проблем да патуваат по 5-6 часа со автобус до Баку. Тие повеќе не гледаат на тв и мислам дека со нас има повеќе преноси за да можат да не пратат. Сега кога почнавме да играме во Европа почнаа повеќе да доаѓаат и повеќе не сакаат, а исто така помага и клубот и испраќа по неколку автобуси за нив.

Како го доживеаа првиот историски пласман во Лига Европа?

Минатата сезона бевме доминантни и станавме шампиони во Азербејџан по 21 година. Со тоа се зголемија очекувањата и не им беше изненадување бидејќи веруваа во нас, а и ние верувавме бидејќи Карабах две години по ред игра плеј-оф за Лига Европа, а сега ова лето прв пат игравме квалификации за Лига на шампиони и испаднавме од Салцбург. Тие толку веруваа во нас што постојано не бодреа, доаѓаа на тренинзи, а некои дојдоа да не бодрат и на пријателски натпревари во Австрија.

Ви направија и спектакуларно испраќање на аеродром пред да полетате на гостувањето против Интер.

Да, тоа ептен не изненади, тие обично доаѓаат да не бодрат во Европа, но сега дојдоа во поголем број. Јас не ги знаев, но моите колеги од клубот ми рекоа дека имало и некои пејачи и пејачки. На почеток едвај ги познале бидејќи биле маскирани. Пејачот бил облечен во полициска униформа, а пејачката како чистачка. Најпрвин почнаа да пеат тие и потоа сите навивачи по нив. Прво се изненадивме, а некои меѓу нас помислија да не се случува нешто, бидејќи почнаа да викаат гласно. Навистина тоа беше една убава атмосфера.

Како беше на „Џузепе Меаца“, те фати ли трема?

Трема немав, ама секој фудбалер во животот нешто си замислува и си вика леле да сум таму и да играм на ова место. Стадионот го знаеме од тв и го препознаваме веднаш штом ќе го видиме исто како и Интер која е светски позната екипа. Убаво беше да се игра против таков тим и на таков стадион, тоа беше за нас едно големо искуство. Инаку без разлика дали стадионот е полн или, кога ќе ти текне кога ќе почне натпревар каде играш се чувствуваш преубаво, плус сите те гледаат. Кога играш против клуб како Интер знаеш дека гледаноста на мечот е поголема. Без разлика дали резултатот беше реален или не, ние со влезот во групи го постигнавме тоа што го сакавме. Фудбалски мислам дека не се нешто далеку од нас, но физички беа поспремни и тука не победија.

Кој ти беше најтежок за чување?

Најголем впечаток ми остави левиот бек Д`Амброзио. Ме потсети на Горан Попов кој има одиграно многу добри натпревари за Динамо Киев и за репрезентација. Како да го гледав него кога играше во топ форма. Толку физички спремен играч ретко имам видено. Ние во Баку и со Сент Етјен и жалевме што не ги победивме, но Д`Амброзио толку ме воодушеви што сменив и дрес со него на крај.

Се дружиш ли во Азербејџан со нашите? Со Карас се знаеш ли?

Лани бевме повеќе Македонци, а оваа година се намаливме, но останавме истите. Се гледаме со Карас, Славчо, Игор беше претходно со жената и децата, излегуваме заедно. Убаво е кога ќе слушнеш наш јазик, не дека е лош нивниот, но знаеш наше си е наше, ќе направиш муабет, ќе слушнеш некоја новост за Македонија. Инаку се дружиме и со Срби, Хрвати, а на јадење одиме во ресторан Балкан кој до држат Црногорци и прават наши јадења.

Македонија почна со нов квалификациски циклус, се чувствува ли отсуството на искусните Пандев, Новески, Тричковски?

-Секако дека се чувствува. Да беа тие со нас ќе бевме и ние малку порастеретени, бидејќи тие имаат повеќе натпревари одиграно, поискусни се и имаат играно во големи екипи. Доволно е само тука да се присутни за да бидеме ние послободни. Сепак на секого му доаѓа крај и мора да се продолжи понатаму. Во репрезентација се повикани најдобрите така што не треба повеќе да се мисли на тоа.

Во поглед на откажувањата на некои играчи од репрезентација, селекторот Бошко Ѓуровски изјави дека настапот за националниот тим е нешто посебно и емотивно. Што мислиш ти на оваа тема?

Селекторот е потполно во право. Кој и да се наоѓа на таа функција не е морално да го каже, туку тоа навистина е така и ние така размислуваме. Јас сум многу среќен кога ќе добијам повик од репрезентација и одма поинаку те гледаат луѓето и во клубот и надвор од него. Јас играм надвор од оваа држава фудбал, но за Македонија спремен сум да го дадам најдоброто од мене.

Шпанија е фаворит за првата позиција во групата? Кои се нашите шанси?

Освен со Шпанија, искрено мислам дека можеме да се носиме со сите други репрезентации, но ако играме стварно фудбал. Ќе се навратам на Карабах. Ние така и влеговме со клубот, сите имавме такво верување. Без разлика кој е, денес сите играат фудбал. Го гледав дуелот меѓу Лудогорец и Реал Мадрид. Може ќе речат за Бугарите дека се аутсајдери, но нема потреба од таков муабет бидејќи одиграа како што треба, а можеби и подобро од нив.

Италијанецот Паоло Мацолени беше главен судија на мечот против Твенте, а ти постигна гол и го однесе Карабах во Лига Европа. Среќен ли беше што повторно судеше и против Луксембург?

Ова од тебе го дознавам, не знаев дека тој бил судија кога игравте против Твенте. Најбитно беше што победивме, не е битно дали јас сум дал гол, бидејќи кога има победа тоа значи дека сме играле убаво.

Фасцинантното видео со “полицаецот“ и “чистачката“

24 октомври 2014 - 12:05