Морати: Занети е историјата на Интер

Челичниот Аргентинец кој две децении се пробива како воз низ секоја можна одбрана во Серија А, вчера го најави неговото пензионирање. За неговата иднина не треба да се даваат прогнози, тој очекувано останува како важен дел од семејството на клубот.

Уште само четири кола остануваат до крајот на сезоната во италијанското првенство која дефинитивно најмалку посакуваат да заврши навивачите на Интер. Тие ќе мора да се простат со својот миленик, но и да му подготват незаборавна кореографија, а почесниот претседател Масимо Морати веќе почна да реди комплименти за легендата на клубот.

„Тој е историјата на Интер, не само поради неговиот квалитет, туку и поради професионализмот. На шега би рекол и дека ако го прашате за некој натпревар одигран против Милан или Јувентус пред 10 години, тој нема само да ви го раскаже, туку и ќе ви каже зошто треба да ги мразите овие два клуба. Тој е одлична личност и поради неговиот карактер колегите многу го почитуваат“.

Морати кој пред 19 години преку видео касети го открил неговиот талент, до толку го пофали што во негово време вели дека ќе му ја дадел и челната позиција во клубот.

„Со мене Занети знаеше дека може да стане и претседател, затоа што на тоа место треба да се именува некој кој знае сè за клубот, некој кој ќе го претставува, кој е почитуван и кој е вистинската слика на Интер. Тој дури може да дава и интервјуа место мене. Занети ќе остане во Интер и ќе добие позиција која според мене не треба да биде само колку да го претставува клубот, туку и да управува со некои работи. Тој е човек кој знае како да ги менаџира работите, исто како во неговиот приватен живот и во неговата фондација. Мислам дека тој би бил одличен директор и токму тоа ќе го добие како понуда“, вели Морати во интервју кое го пренесува официјалниот сајт на Интер.

Апсолутниот рекордер по број на настапи во Интер кој има добиено само еден црвен картон во кариерата, последниот меч ќе го одигра на 10 мај против Лацио и тоа токму пред својата најверна публика.

23 април 2014 - 13:55