Милан и Барса без голови, Баерн сигурен

Милан и Барселона не ги оправдаа очекувањата и одиграа без голови на првиот четвртфинален натпревар во Милано, а Баерн Минхен со една нога е веќе во полуфиналето по победата на гостувањето во Марсеј.

Екипата на Барселона до вечерва имаше одиграно 30 натпревари во серија во Лигата на шампиони на кои тие постигнуваа барем по еден гол, но оваа серија заврши во Милано.

За разлика од првите дуели во групната фаза, Милан и Барселона овој пат одиграа многу претпазливо и со повеќе грешки и пропуштени шанси.

Првата шанса ја пропушти Робињо уште на самиот старт, а најсериозната шанса за гол во првото полувреме ја имаше Ибрахимовиќ кој имаше чиста позиција пред Валдес, но поуспешен во овој дуел беше голманот на Барселона.

На спротивната страна голема шанса имаше и Чави по двојното проигрување со Меси, но Абијати успеа да му го одбрани ударот.

Во првото полувреме имаше и спорна ситуација пред голот на Милан, кога Алексис Санчез падна во шестнаесетникот, но судијата процени дека контактот со Абијати не бил за најстрога казна.

Темпото на игра падна уште повеќе во вториот дел, па до крајот на натпреварот свои шанси во финишот имаа само уште Меси и Тељо, но одбраната на Милан реагираше во вистински момент.

На вториот денешен натпревар Баерн Минхен си ја заврши работата уште на првиот натпревар и најверојатно ќе му се приклучи на Реал Мадрид во полуфиналето.

Екипата на Олимпик Марсеј ја продолжи очајната форма и го забележа и 9-от пораз на последните 10 натпревари.

Натпреварот не изобилуваше со многу акција пред головите, но Марио Гомез во финишот на првиот дел и Арјен Робен во средината на второто полувреме не ги пропуштја своите шанси.

28 март 2012 - 23:33