Македонија ја растури Белорусија, браво момци

Дека 166-та позиција на ранг листата на ФИФА апсолутно не ја заслужуваме, нашите фудбалери покажаа два пати во рок од пет дена. Белорусија е стотина места над нас на рангот, но вечерва беше целосно надиграна од капитенот Пандев и другарите кои одиграа со срце.

Два меча, шест гола, две победи по ред. Тоа е учинок кој македонската фудбалска репрезентација не го остварила четири години. Одличните игри во стартните четири квалификациски средби минатата година, вродија со плод дури овој месец.

Најпрво пред пет дена во квалификациите против Лихтенштајн, а сега и вечерва на пријателски дуел против Белорусија која е далеку пред нас на ранг листата на ФИФА.

Но тоа воопшто не го отслика тоа што го видовме на теренот. Македонија беше вистински газда на арената Филип Втори и со одлична игра сосема заслужено ја тресна Белорусија со 3:0.

Дека избраниците на Игор Ангеловски беа желни за голови се покажа уште на стартот кога се решија за бавна, но трпелива игра која вроди со плод. Пандев пропушти одлична можност со волеј удар да го отвори резултатот, а потоа Несторовски ја погоди пречката со глава.

Третата најсериозна прилика му се пружи на Вардарецот Стефан Спировски кој по двојното проигрување со Пандев го отвори резултатот во 40 минута.

Македонија продолжи во ист ритам и во вториот дел. Имаше игра, создаваше шанси и во период од 9 минути уште два пати ја тресеше мрежата. Вечерва во голгетерски елемент беше Горан Пандев кој постигна два гола и стигна до бројка од 28 репрезентативни погодоци.

Во 61 минута преку полуконтра стрелаше на додавање на Тричковски, а во 70 минута го пронајде по десната страна Алијоски кој со повратна топка го пронајде на глава за точка на мечот.

Со овие две убедливи победи против Лихтенштајн и Белорусија, нашите фудбалери покажаа и дека не заслужуваат пазни трибини, особено не за карта чија цена изнесуваше симболични 100 денари колку едно пиво во кафиќ.

За одбележување на средбата е што меѓу шесте измени, Ангеловски му даде шанса да дебитира на Дарко Чурлинов од Келн, кој со 16 години стана најмладиот фудбалер кој заиграл за македонската репрезентација.