Магиите на тандемот Роби Баџо - Андреа Пирло

Во јануари 2001. година, младиот полушпиц на Интер отиде на позајмица во Бреша, екипа предводена од бардот Карло Мацоне кој му ја смени улогата и кариерата.

Во времето кога играа заедно за Бреша, Роберто Баџо и Андреа Пирло беа споредувани со Леонардо да Винчи и Микеланџело во Сикстинската Палата. Едниот црташе, другиот му помагаше.

Сè започна во сезоната 2000-2001, кога на Пирло му заврши одличната сезона во Реџина и се врати во Интер. И покрај тоа што тренер на Интер беше Диего Тардели, селекторот на У21 каде Пирло беше стандарден, уметникот не најде доволно простор во офанзивата, затоа што по вокација беше полушпиц или треквартиста.

Интер веднаш најде нова позајмица за него и го прати во Бреша во јануари 2001. година. Екипата предводена од Карло Мацоне веќе го имаше изградено костурот на тимот, така што на Мацоне му остана само уште да најде место за Пирло. И му најде, како режисер на средината на теренот, позиција која подоцна ќе го прослави во светскиот фудбал. Поради повреда, Пирло заедно со Баџо ќе одигра само 10 натпревари, а следното лето ќе стане играч на Милан.

Митот околу тоа кој му ја нашол правата позиција на Андреа Пирло е актуелен до денес. Иако многумина сметаат дека прв до таа идеја дошол Карло Анчелоти, Пирло често потенцира дека кај Мацоне првпат заиграл пред последната одбранбена линија.

Заедничката акција на Пирло и Баџо за голот против Јувентус уште е меѓу најгледаните на Јутјуб.

13 јануари 2015 - 16:14