Лацио со пресврт до триумф на Derby della Capitale

Лацио полека ја добива битката за превлст во Рим откако триумфираат на трето дерби по ред. Овој пат тие победија на „базенот" во Рим со играч повеќе и пресврт по почетното водство на Рома.

Како и секое римско дерби, така и овој дуел помеѓу Лацио и Рома не го заобиколија инцидентите помеѓу навивачите. Пред почетокот на натпреварот бил прободен еден навивач на Рома, а група на навивачи на Лацио фрлиле молотов коктел кон полицијата.

Поројните дождови во Рим им направија огромни проблеми на фудбалерите, а откажаа и дел од рефлекторите.

Само девет минути по стартот на натпреварот Рома поведе со голот со глава на Ламела по еден корнер удар.

Во 35-та минута Лацио израмни со голот на Антонио Кандрева од слободен удар, а на две минути пред крајот на полувремето Мирослав Клосе направи целосен пресврт.

Проблемите на Рома се зголемија откако во последната минута од првиот дел Даниеле Де Роси заработи директен црвен картон за удирањето на Маури.

На самиот старт од вториот дел Лацио зголеми и на 3:1 со голот на капитенот Маури, а во продолжението од натпреварот дождот им ја отежна работата на двете екипи. Во 85-та минута силите на теренот беа израмнети откако Маури заработи втор жолт картон.

На четири минути до крајот на натпреварот Миралем Пјаниќ со гол од слободен удар од голема далечина ја врати надежта, а во 94-та минута Рома имаше шанса за израмнување преку Маркињо, но резултатот остана непроменет.

Лацио триумфира на трето дерби по ред, но севкупно Рома и натаму е поуспешна екипа во меѓусебните дуели. Од 171 одиграни натпревари, Рома победила на 63, Лацио на 48, а 60 дуели завршиле без победник.

СЕРИЈА А, 12 коло:

Лацио - Рома 3:2 (2:1)
Кандрева 35, Клосе 43, Маури 47 - Ламела 11, Пјаниќ 86

Милан - Фиорентина 1:3 (0:2)
Пацини 59 - Аквилани 11, Борха Валеро 38, Ел Хамдауи 87

Киево - Удинезе 2:2 (1:1)
Андреоли 39, Палоски 89п - Анџела 42, 90+1

Џенова - Наполи 2:4 (1:0)
Имобиле 23, Бертолачи 56 - Место 54, Кавани 79, Хамшик 90, Инсиње 90+4

Парма - Сиена 0:0

Торино - Болоња 1:0 (0:0)
Д'Амброзио 65

Палермо - Сампдорија 2:0 (0:0)
Дибала 52, 71

Аталанта - Интер 20.45

сабота:
Пескара - Јувентус 1:6 (1:5)
Кашионе 25 - Видал 9, Кваљарела 22, 45, 53, Асамоа 30, Џовинко 38

Каљари - Катанија 0:0

11 ноември 2012 - 17:06