Коста казнет три меча, го пропушта Сити

Напаѓачот на Челси доби суспензија од три натпревари поради намерното газење на Емре Чан против Ливерпул, по што утрешното дерби против Манчестер Сити ќе го гледа од трибина.

Покрај најважниот натпревар за Челси во борбата за титулата, 26-годишниот Диего Коста ќе ги пропушти уште и дуелите против Астон Вила на гости и Евертон на Стемфорд Бриџ. Коста, кој намерно го нагази Емре Чан по ногата, за време на полуфиналето од Лига Купот против Ливерпул се жалеше на суспензијата, но ФА го одби неговиот приговор. Шпанецот избегна истрага за газењето на Мартин Шкртел.
 
Во меѓувреме Жозе Мурињо доби казна од 25.000 фунти поради коментарите за судиите, а Португалецот ја откажал прес-конференцијата во пресрет на утрешниот дуел, за да не западне во поголеми проблеми. Според Мурињо, казната за Диего Коста е голем удар по неговиот тим, затоа што Шпанецот со бразилско потекло сезонава даде 17 голови на 19 настапи во Премиер лигата.
 

Манчестер Сити ќе го затвори осумдневниот бурен период на Стемфорд Бриџ, во кој Челси сензационално испадна од третолигашот Брадфорд од ФА Купот, што беше прв пораз на домашен терен за Челси од почетокот на сезоната. Ако Челси победи утре на свој терен против Сити, ќе стекне предност од 8 поени пред последните 15 кола во Премиер лигата. Граѓаните загубија од Мидлсброу и Арсенал на последните два натпревари и евентуален пораз утре би ги оддалечил од титулата.
 
Свое враќање на Стемфорд Бриџ ќе има и Френк Лампард, кој по 13 сезони минати во Челси, како најдобар стрелец во историјата на овој клуб, замина во Манчестер Сити.
 
Токму Лампард му даде гол на Челси на минатото дерби Сити - Челси, во 85' минута. Утрешниот дуел може да го пропуштат Цеск Фабрегас, Филипе Луис и Бане Ивановиќ поради повреди, а можно е да не настапат ниту Андре Ширле и Мохамед Салах, кои чекаат на трансфер.