Кои се можни противници на македонските клубови во Европа

Граѓаните на Македонија ќе имаат фудбалско лето: Освен У21 хероите и нашите сениори против Шпанија, пред мега дуелот од Супер Купот на Европа во земјава ќе се игра и европски квалификациски фудбал. Тешка задача ги чека Вардар, Шкендија, Работнички и Пелистер.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЛИГА НА ШАМПИОНИ:

Вардар на бодовното салдо во УЕФА има 5.125 поени и долгиот пост без победа во Европа во квалификациите го става во ист шешир со фудбалски „лилипутанци“ како Дандалк, Њу Сеинтс, Дуделанж, Кукеши, Линфилд Белфаст, Викингур, Хибернианс, Мариехамн, Спартакс Јурмала, Самтредија. Тоа значи дека овие екипи не може да му се паднат, ќе му се паднат посилни.

Шампионот на Македонија на 19. јуни ќе го дознае името на противникот во второто квалификациско коло за Лига на шампиони - рунда во која се приклучуваат 29 екипи покрај петте најслабо рангирани кои ќе го пребродат првото коло.

Веќе се познати носителите и неносителите при ждрепката, па така Вардар ќе има тешка задача уште на стартот.

Меѓу 17-ти парови кои ќе играат во 2. коло, Црвено-црните би можеле да налетаат на: Селтик (Шкотска), Салцбург (Австрија), Копенхаген (Данска), Лудогорец (Бугарија), Бате Борисов (Белорусија), АПОЕЛ (Кипар), Марибор (Словенија), Карабах (Азербејџан), Малме (Шведска), Астана (Казахстан), Партизан (Србија), Ријека (Хрватска) Розенборг (Норвешка), Хапоел Бер Шева (Израел).

Првиот меч од второто квалификациско коло Вардарци ќе го играат на 27. или на 28 јуни, а реваншот би се играл една недела подоцна на 4. или 5. јули. Минатата година Скопјани не успеаа да го минат второто коло каде поквалитетен ривал беше Динамо Загреб.

Во случај да го мине 2. квалификациско коло, противникот во третото коло Вардар ќе го дознае на 14. јули а таму според ранг се: Олимпијакос, Ајакс, ЦСКА Москва, Стеауа, Клуб Бриж, Селтик, Салцбург, Легија Варшава, Копенхаген, Лудогорец, Бате Борисов, АПОЕЛ Никозија, Ница, Марибор и неносителите: Астана, Партизан, Ријека, Јанг Бојс, Розенборг, Хапоел Бер Шева, Виторул Констанца.

Со самиот пласман во квалификациите за ЛШ, Вардар заработи 250.000 евра, а на сметка на скопскиот тим ќе стигнат уште 300.000 евра за настап во 2. квалификациско коло што значи вкупно 550.000 евра само за појавување на теренот.

Во случај да влезат во 3. коло, Вардар ќе добие дополнителни 400.000 евра така што пред Скопјани е потенцијална заработка од милион евра само за квалификации во ЛШ. Во случај Вардар да стигне до плејофот, ќе има загарантирана фудбалска есен затоа што и да испадне таму, ќе игра во групната фаза од Лига Европа.

На тие милион евра ако го минат третото коло, Вардарци би добиле уште 230.000 евра од тн. "solidarity payments" (за секој клуб кој нема да успее да се квалификува во групната фаза на Лига Европа преку плејофот). Тоа се вкупно 1.180.000 евра!

Финалето на ЛШ 2018 се игра во Киев.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЛИГА ЕВРОПА:

Во второто по ранг натпреварување, Македонија ќе ја претставуваат Шкендија, Работнички и Пелистер (како победник на Купот).

Со 3.875 бода, Работнички поради одличните резултати минатите сезони, годинава ќе биде меѓу носителите па така во првото коло можни противници им се: Младост Лучани (Србија), Вашаш (Унгарија) Фол Еш (Естонија), Зирја (Украина), Нова Горица (Словенија), Сутјеска (Црна Гора), Пјуник (Ерменија), Партизани Тирана (Албанија), Дери Сити, Шамрок (Р. Ирска), Зета (Црна Гора), Б36 Торшавн, КИ Клаксвик (Фарски Острови), Зариа Балти (Молдавија), Динамо Батуми (Грузија), Конах Квеј, Бангор Сити (Велс), УЕ Санта Колома (Андора), Прогррес Нидеркорн (Луксембург), Атлантас Клајпеда, Судува Маријамполе (Литванија), Колерејн, Балимена Јунајтед (Северна Ирска), Сент Џозеф (Гибралтар).

Што се однесува до Шкендија (3.375 бодаѝ фалат 125 бода да стане носител) и Пелистер, тие се во шеширот на неносители и во 1. коло може да ги добијат следните противници: Глазгов Ренџерс (Шкотска), Макаби Тел Авив (Израел), Црвена Звезда, Војводина (Србија), ХЈК Хелсинки (Финска), Динамо Минск (Белорусија), АИК Стокхолм (Шведска), АЕЛ Лимасол, АЕК Ларнака (Кипар), Скендербег Корча (Албанија), претстевник од Австрија, Сент Џонсон (Шкотска), Интер Баку (Азербејџан), Беитар Јерусалим (Израел), ФК Вентспилс (Латвија), Од Грендланд (Норвешка), Кајрат Алмати (Казахстан), Осиек (Хрватска), Рејкавик (Исланд), Норкопинг (Шведска), Милсами Орхеи (Молдавија), два претставници од Данска, Калју Номе (Естонија), Ботев Пловдив (Бугарија), Олимпија Љубљана (Словенија), Валета (Малта), Вадуз (Лихтенштајн), два претставници од Полска (веројатно Јагелонија и Лех Познан), Ели (Молдавија), Зитра (Азербејџан), Иртиш Павлодар (Казахстан).

Со оглед на тоа што меѓу првата и втората рунда квалификации за Лига Европа нема да има ждрепка, на 19. јуни ќе бидат одредени и паровите на 2. коло, па така Работнички таму би бил неносител и би можел да игра против: Галатасарај, Спарта Прага, Млада Болеслав (Чешка) АЗ Алкмар, Утрехт (Холандија) Макаби Тел Авив (Израел), Австрија Виена, Штурм Грац (Австрија), Хајдук Сплит (Хрватска), Динамо Минск (Белорусија), Аполон Лимасол (Кипар), ХЈК Хелсинки (Финска), Војводина (Србија), Слован Братислава (Словачка), Црвена Звезда (Србија), Абердин (Шкотска), Скендербег (Албанија), АЕК Ларнака (Кипар), ЦСКА и Левски Софија (Бугарија), Интер Баку (Азербејџан).

Во случај да го повторат подвигот од пред неколку години, и да стигнат до 3. квалификациско коло, „Романтичарите“ би можеле да се сретнат со гиганти како: Милан, Олимпик Марсеј, Евертон, ПСВ Ајндховен, Бордо, Брага, Гент, Зенит, Галатасарај, Спарта Прага, Динамо Загреб, Австрија Виена, Маритимо, Краснодар.

Што се однесува до наградните износи за квалификациите во Лига Европа, тие изнесуваат: 215.000 евра во случај да се помине 1. коло, 225.000 евра во случај да се помине 2. коло, 235.000 евра ако се мине 3. коло, плејофот носи 245.000 евра, а драстично многу повеќе добиваат учесниците во групната фаза кои земаат загарантирани 2,6 милиони евра по екипа.

Финалето на Лига Европа во 2018-та се игра на новиот стадион во Лион.