Клубот кој немаше пари за топки, Пипо Инѕаги го носи во втора лига по три банкротирања

Имаа напаѓачи од калибарот на Рекоба и Виери, но потоа се соочија со најмрачниот период во историјата и паднаа во аматерска категорија. Со американски пари, срце на терен, упорност и ѕвезда на тренерското столче нивниот нисколигашки статус е минато.

Пред помалку од две години фудбалот во Венеција не постоеше. Немаше топки, секретарка, компјутер во клубот, како и светло во соблекувалната. Владееше целосен мрак. Фудбалерите останаа без договори и без ангажман и се чувствуваа измамени од Јуриј Кораблин.

Се работи за првиот Русин кој стана газда на италијански клуб откако во 2011-та кој прво ја формираше фудбалската академија на Венеција, а неколку месеци потоа беше назначен за претседател на клубот. За него се вели дека работел деноноќно за да го врати клубот онаму каде што беше порано, претежно во Серија А и Серија Б, но приказната со него траеше 4 години и потоа заврши неславно.

Венеција последен пат беше во првата италијанска лига во 2005-та година и во следните 10 години три пати се соочи со банкрот. Последниот се случи во сезоната 2015/2016 кога Кораблин наеднаш крена раце и одреди адвокат за да се погрижи за продажбата на клубот. Фудбалерите испратија писмо до газдата и го обвинија дека ниту ги остварил ветувањата во клубот, ниту ми ги исплатил сите плати.

Работите до толку се искомплицираа што Венеција прво задоцни со поднесувањето документи за настап во Лега Про (трета лига) и падна во Серија Д што во Италија се смета за аматерски ранг. Зошто дојде до ова дереџе и покрај сите ветувања, газдата кој мистериозно си замина од градот на вода и да сакаше не можеше да даде одговори. Почина минатата година на 56 години од болест.

Новиот лист во Венеција го сврте познатиот американски адвокат со италијанско потекло Џо Такопина, кој заедно со група на американски инвеститори го презеде клубот и уште во првата сезона го однесе во Лега Про.

Пред две години Франческо Чернуто кој игра во одбрана беше дел од тој руски кошмар.

„Се враќам дома и не тргам поглед од телефонот во очекување дека некој ќе ми се јави со убави вести. Очекував дека можеби ќе има пресврт со Русите, но ништо од тоа. Ми се јави Џорџо Перинети, спортскиот директор. Почнуваме од Д – Дилетанти. Ова е некоја кладба или провокација? Немав појма дека не купил Такопиа. Му поверував на директорот кој успеа да испрати на подготовки 25 играчи без никаков потпис.“

Две години подоцна Франческо не е само обичен дефанзивец, туку и симбол на клубот:

„Тука сум четири години, во најтешките мигови полни со проблеми, но сега сум пресреќен и презадоволен. Ми се исполни сонот, одиме во Серија Б, Венеција е во Серија Б. Се надевав, но не верував до крај. Знаете има екипи кои се трудат во ова, но со години не успеваат. Ние успеавме од прва, од Д во Б за 24 месеци“

Кои се тајните за овој кам бек на Венеција кој се случува по пауза од 12 години?

„Нашиот директор избра луѓе, не функционери туку луѓе кои формираа една фантастична група. Инѕаги? Фантастично нè води. Замислете им даде шанса буквално на сите во тим, со исклучок на третиот голман кој и тој е учесник во овој подем. Венеција победи на многу средби во последните минути, но верувајте тоа не е среќа. Секогаш трчавме повеќе од противникот, верувавме повеќе и игравме со срце. Тоа е благодарение на нашиот тренер и менталитет. 1.000 пати ни го смени терминот на тренинзите и уште 1.000 пати ќе го направи тоа. Немаме време да испланираме да одиме на фризер, но сè за победа“, вели Франческо Чернуто.

Пипо Инѕаги е славно фудбалско име кое уште на стартот на својата тренерска кариера во сениорска категорија го доби Милан, но тоа не беше пречка за него минатата лето да прифати да води клуб кој само што влезе во трета лига.

Оваа сезона ќе му остане запаметена како историска и прва успешна откако не се снајде во Милан. По 35 кола Венеција ја води на лидерската позиција со 23 победи, 9 нерешени и само 3 порази, како и предност од 12 бода зад второпласираната Парма која ќе треба да игра во плејофот за пласман во Серија Б.

За Инѕаги следната сезона ќе претставува уште поголем предизвик, а тоа е во експресно време да ја однесе Венеција во најелитното друштво, каде го очекува тренерски дуел против неговиот помлад брат Симоне.

18 април 2017 - 14:43