Ќе стојам и ќе ги гледам од болница, за опстанок се работи

На Џенова и Емполи почна да им гори под нозе, бидејќи во борбата за опстанок во Серија А ги нападна упорниот Кротоне, можеби првиот тим во историјата чиј играч болен ги бодреше од болница од каде има поглед на стадион.

Адријан Стојан не успеа викендов да му помогне на Кротоне во борбата за опстанок, но кога неговите колеги се појавија на стадионот Ецио Шида на кој имаа меч против Удинезе, тој собра сили, стана од кревет и 90 минути дишеше со своите.

Болницата во Кротоне има поглед на стадионот и Стојан вчера беше навивач плус кој од соба го гледаше мечот во живо.

„Здраво момци, ви благодарам за пораките кои ми ги праќате постојано и сакам да ви кажам дека од ден на ден сум подобар. После ова попладне сум многу подобар, благодарение на моите соиграчи кои ми ја посветија оваа преубава победа која ни дава надеж за финалето на шампионатот. Голем поздрав до сите и напред Кротоне“, напиша фудбалерот на Фејсбук.

И покрај тоа што Кротоне изгледаше дека заедно со Палермо и Пескара речиси сигурно ќе испадне во втора лига, сепак табелата на дното ептен се згусна, а тоа се должи на серијата на Кротоне од 5 победи и 2 нерешени на последните седум средби. 

До крајот на сезоната во Серија А има уште две кола, а Кротоне има пеколно тежок распоред бидејќи му гостува на Јувентус, па го пречекува Лацио.

16.Џенова 33
17.Емполи 32
18.Кротоне 31
19.Палермо 23
20.Пескара 14

Некој знае и да излаже дека е болен за да гледа фудбал од таму.

15 мај 2017 - 13:18