Кинезите им го скршија филмот на навивачите од Милано

Свежите странски пари колку можат да бидат добри, толку можат да бидат и лоши. Во случајот со екипите од Милано за сега нема ништо добро, туку само една необична смена на термин на кој нема навивач кој не би се побунил.

Кога на крајот од 2013-та, Ерик Тохир стана мнозински сопственик на Интер, на својата листа на желби (маркетиншки желби) ја стави и оваа:

„Би сакал миланско дерби да се игра во 12:30 за да можат милиони страствени фудбалски навивачи да уживаат во спектаклот“.

Четири години подоцна, желбата на поранешниот прв човек на Интер стана реалност. За прв пат во историјата, дербито Интер – Милан ќе се игра во 12:30 (сабота, 15 април) или што би рекле Италијанците за ручек, бидејќи кај нив се руча тоа време. Одлуката е без преседан, ама се најавува како стратешка во политичка смисла.

12:30 часот во Италија, во Кина е 19:30, совршено време за гледање фудбал на тв. Дали е во прашање само гледаност? Не, туку според пишувањата на италијанските медиуми тоа се случува во пресрет на аукцијата на тв правата за тригодишен договор 2018-2021. Плус фактот дека по Интер, полека но сигурно во раце на Кинезите ќе заврши и Милан и сега се игра по нивните правила.

Но фудбалот за ручек воопшто не им се допаѓа на навивачите на Милан и Интер и воопшто на сите италијански навивачи, како и на некои тренери како Маурицио Сари кој јавно го искритикува тој термин.

Минатата есен дерби од 12:30 се одигра во Премиер лигата меѓу двете екипи од Манчестер, но без некоја врева од Гвардиола, Мурињо и навивачите. Кинеската групацијата Сунинг веќе инвестираше 660 милиони евра во Премиер лига, а овој потег со терминот на миланското дерби се толкува и како привлекување се повеќе кинески инвеститори со кои би живнале повеќе клубови од Серија А.

Интер и Милан следно лето ќе се сретнат на Меѓународниот куп на шампиони во Кина на 24 јули. По италијанскиот Супер Куп во Пекинг 2011-та и дербито во јули 2015-та кога тренери беа Михајловиќ и Манчини, ова ќе биде трето нивно соочување пред публиката во Пекинг.

Натпревари од 12:30 во Серија А сме навикнати да гледаме обично кога барем едниот тим е од рангот на Киево, Емполи, Кротоне, но никогаш не се закажувало дерби.

Овој пат традицијата на италијанската лига и 100 годишните навики на навивачите останаа во сенка на желбите на моќниците. Вие само внимавајте на 15-ти април да не се успиете, а Италијанците останува да ручаат подоцна.

15 март 2017 - 16:17