Лорен Бисан Етаме

Камерунецот со 21 браќа и сестри кој стана дел од „Непобедливите“ на Арсенал

Еден од 22-та браќа и сестри како мал со семејството се сели од Камерун во Шпанија која била почеток на неговиот фудбалски пат. Од другарствата со Марадона и Ето и многу трофеи, стана легенда на Арсенал.

Еден ден може да се извади добро квиз прашање: Кој Шпанец освоил Африканскиот Куп на Нации, Олимписко злато и Премиер лига? Ви треба помош?

Бил во ист клуб со Диего Марадона, делел соблекувална со Самуел Ето, а неговото деби на Светско првенство заврши со црвен картон само шест минути откако влезе во игра. Беше во селекцијата која на пенали го освои Олимпиското злато против Чави, Пујол и Карлос Марчена. Во полуфиналето дал гол во ’90-та а во финалето во пенал серијата.

Уште не ви текнува? Го бираа за најдобар играч на Африка, играше во финалето на Купот на Купови на Вила Парк и го освои ФА Купот на Вембли, прв за неговиот клуб после 69 години!

А да, ја освои и Премиер лигата без загубен меч.

Одговорот е Лауреано Бисан Етаме’-Мајер или попознат како Лорен. 21-во дете на Валентин Бисан-Етаме’. Роден во Криби, Камерун на самата граница со Нигерија.

ДЕТСТВО И БЕГСТВОТО

Лоран растел во Севиља а подоцна ќе стане дел од „Непобедливите“ на Хајбери.

Целата приказна започнува во Екваторијална Гвинеја и режимот на Франциско Мациас Нгуема кој излегол по независноста во 1968 и вледеел до воениот удар предводен од неговиот внук Теодоро Обијанг Нгуема Мбасого во август 1979. Во септември таа година Мацијас бил брутално убиен.

Во негово време репресијата била страшна и илјадници заминале уште пред да падне. Речиси половина од населението ја напуштило земјата, а меѓу нив и Валентин со целото семејство.

„Татко ми беше политичар во ерата на Мациас, беше и генерален директор на поштата. Чичко ми, кој беше во армијата, го предупредил дека мора да бега затоа што добил наредба да го уапси а потоа и да го убијат. Бегството беше чудо, иако никогаш не сме зборувал за тоа. Тргнале кон Камерун каде јас сум се родил во јануари 1977 година. Три години бев таму, но не се сеќавам на ништо. Првото вистинско сеќавање ми е од Plaza de España во Севиља“, раскажува легендарниот десен бек на Арсенал, Лорен за The Guardian.

Живееле во населбата Мотеквито, и како единствена црномурна фамилија биле многу сакани и убаво примени.
Татко му нашол работа во општината, а платата била доволна да се скрпи крај со крај.

„Имаше 22 деца, јас сум претпоследен. Не беше тоа полигамија ниту пак религиски мотив, ние бевме Католици, но татко ми имал различни жени. За него да се има многу деца е синоним на среќа, радост. Во Севиља живеевме на два спрата. Не бевме сите 22, но имаше сигурно 15 деца“, вели Лоран.

ПРВИТЕ ФУДБАЛСКИ ЧЕКОРИ ВО СЕВИЉА

На 11 години почнал да игра за Утрера, локален клуб за кој дава 56 гола за една сезона по што преминува во Севиља. Таму наскоро се појавува и Марадона:

„Сигурно имав 13 години. Не беше најдобро време за клубот но да го имаш него таму беше неверојатно. Стоевме позади и го гледавме како дава еден, два, три, четири слободни удари, еден по друг. Се сеќавам кога Севиља играше лошо, од корнер ќе му ја дадеа по земја, тој ќе ја жонглираше и ќе дадеше гол со волеј. Публиката го обожаваше“.

Лорен во тоа време бил 10-ка, одличен техничар со чувство за гол но никогаш не стигнал до првиот тим. Се преселил во Леванте па во Мајорка. Меѓу луѓето кои го следеле бил и легендарниот голман на Камерун Томи Н’Коно.

ВРАЌАЊЕ НА ЦРНИОТ КОНТИНЕНТ

Лорен имал шпански пасош (уште го има), но Н’Коно се повикал на неговото место на раѓање и го викнал да игра за Камерун. Лоран прифатил.

„Црнец сум, имам африканска крв, но не знаев скоро ништо за Африка. Ми беше шок на почеток. Отидов таму без да знам ништо за Камерун, ниту јазик ниту ништо“, додава бекот кој беше дел од славниот Арсенал.

Делел соблекувална со 17-годишниот Самуел Ето за кого вели дека е голем човек и одличен другар: ’Секогаш кажува искрено што мисли’.

„Кога ќе отидеш од Европа во Африка многу работи не ти изгледаат нормални но се живее. Имавме сјаен тим кој стана Африкански шампион во 2000 и Олимписки првак во Сиднеј 2002. Тогаш ја победија Шпанија: ’Ми беше чудно што играв против мојот народ’. Лорен тогаш го славел златото во дресот кој му го дал Марчена.

ТРАНСФЕР НА ТЕМЗА ВО ЛОНДОН

Истото лето Лорен потпиша со Арсенал за 7 милиони фунти а само два дена подоцна даде гол против Ливерпул. Од човек во нападот Венгер го конвертираше во одличен бек. „Знаев да му кажам: ’Не, Мистер, сакам да играм на мојата позиција, а тој ми одговараше: ’ОК, игра на таа позиција како четворица или петорица други. Немој да се жалиш ако седиш на клупата или дома“.

СЛАВНИТЕ „НЕПОБЕДЛИВИ“

„Венгер те бодри и сака да играш. За него најважна работа е точниот пас. Бекот мораше да има едно, две, три, четири отворени опции да додаде. Ако сакаш атрактивен, брз фудбал мора да ги имаш правите играчи за тоа“.

Арсенал и тоа како ги имаше. Во сезоната 2003/2004 се прошетаа до титулата без пораз.

„Страста со која игравме беше неверојатна. Тиери Анри беше наш најдобар фудбалер, талент кој сакаше да победува секогаш, па дури и на карти во автобусот. Би го избрал и Патрик Виера кој на тренинг не изгледаше дека дава максимум, а после на натпреварите беше најдобар.

Но тука беа и Мартин Кион, Сол Кембел, Леман, Ешли Кол, Денис Бергкамп. Сите тие беа играчи со цврст карактер кои сакаа да победуваат.

ПОРАЗОТ НА ОЛД ТРАФОРД И БОЛНОТО ЗАМИНУВАЊЕ

„Кога конечно загубивме на „Олд Трафорд“ слдната сезона после 49 меча без пораз, не прекршија. Судијата беше ужасен. Се беше во корист на Јунајтед па и пеналот после ’фаулот’ на Кембел врз Руни кој не постоеше. Болеше поразот, но рекордот беше неверојатен. А уште поголем беше затоа што не размислувавме на него, ни беше (рекордот) надвор од глава“, додава Лорен кој со Арсенал доживеа магични моменти.

Камерунецот смета дека можел да игра уште три-четири години но ја цени искреноста на Венгер.

“Отсекогаш сакав да ги играм сите мечеви, а соиграчите ми викаат седи одмори“.

Бекот потоа замина во Портсмут затоа што не бил на потребното ниво и во 2008-ма овој клуб го освои ФА Купот.

„Не бев ментално спремен. Да играш Лига на шампиони со Арсенал и наеднаш се наоѓаш во Портсмут беше психолошки тешко. Кога си постар и немаш веќе чувство не си веќе истиот играч. Уште осеќам последици: колената ме болеа после половина час игра“.

Денес работи како амбасадор на Арсенал за Африка. Во моментов наоѓа таленти од Кенија, а бил и во Руанда. Го коментира и Африканскиот Куп на Нации за ЕУРОСПОРТ ТВ на шпански.

„Африка на фудбалот му даде многу големи играчи: Веа, Н’Коно, Кану, Дрогба, Ето, јас...“, се насмевнал Лорен.

ПОЛИТИКАТА, ВИНА НА ЗАПАДОТ И ТРАМП

„За Западот глобализацијата е добра само кога се зборува за неа. Кога не се веќе само неколку земји кои го делат колачот, кога има повеќе и колачот не се дели на три туку на десет, веќе не се заинтересирани. Сакаат граници, ѕидови: уште имате политичари демагози како Доналд Трамп. Или Фараж. Никој не се офајдил од глобализацијата освен САД.

Со природните богатства кои ги има, Африканците не треба да заминуваат за да преживеат. Но меѓу нив има деспоти на режим, САД и Европа кои дозволуваат вакво нешто. Имаш политика на страв: ’Ќе ти ја земат работата’. И Африканските земји сносат одговорност: луѓето ќе стекнат моќ и забораваат на народот. Сум видел вакви работи на моите патувања“, заклучува легендарниот десен бек Лорен.