Како касапите го чувале Марадона

Диего Марадона важи за еден од најфаулираните фудбалери во историјата и тоа во време кога степенот на заштита на играчите не бил како денес. Малиот Диего ѕверски го фаулирале по 28 пати на натпревар а најголем крвник му бил Џентиле од Италија.

Било како на погреб. Мајка му, татко му, браќата и сестрите - сите плачеле, но го тешеле малиот Диего. Марадона го нарекол овој момент најтешкиот и најтажниот во неговата кариера. Тогаш имал 17 години и на 13 дена пред стартот на Светското првенство 1978-ма дознал дека не го викнале во репрезентацијата, а толку се надевал и не им простил поради тоа.

Но времињата се смениле. Поминале четири години и на Мундијалот во Шпанија 1982 година Диего го носел бројот 10, веќе бил главен играч а за него Барселона пред почетокот на Светското дала 8 милиони долари, во тоа време астрономска сума за фудбалер.

Во Европа се појавила нова ѕвезда. Светското во Шпанија 1982-ра било првата голема сцена на којашто Диегито се појавил и ја кренал завесата зад која биле написите во весниците за „златното момче“.

Аргентина се спремала долго за Мундијалот. Цели четири месеци репрезентацијата имала тренинзи за овој голем турнир кој имал шест групи по четири тима. Секоја селекција добивала по два бода за победа и еден за нерешен исход.

Диего дал два гола во првите три меча после кои „Гаучосите“ со две победи се пласирале понатаму во групата на смртта со Бразил и Италија. Форматот бил таков што со еден пораз вие сте практично „леш“, испаѓањате, но Аргентина живеела за нов успех после златото на Светското 1978 и за ништо друго не размислувала.

Првиот меч во групата Диего ќе го памети доживотно, особено 28-годишниот противнички фудбалер со средени мустаќи и со четири шампионски титули во Серија а. Него го викале „Гадафи“. Се работи за Клаудио Џентиле, бекот на Италија на кого селекторот на Аѕурите му наредил стрикно да го чува Диего Армандо.

„Селекторот Беарцот влезе во мојата соба и ме праша: Се чувствуваш ли доволно силен да го чуваш Марадона? Му одговорив: ’Секако, спремен сум, што е проблем? Кога Беарцот ја напушти собата се фатив за глава: ’Мама миа! Што ми требаше ова’?“, се сеќава легендарниот Џентиле.

Денес кога се споменува Џентиле ретко кој од повозрасните нема да се сети на ’Касапот’, ’Убиецот’, ’Кољачот’ којшто 23 пати го фаулирал Марадона на стадионот „Сарија“ во Барселона кој денес е срушен и на кој се играла групата на смртта.

Џентиле следниот ден од весниците дознал за клетвите на негова сметка од Аргентинците. Толку го тепал Марадона што овој се нервирал и бил практично исклучен од игра, не можел да прими топка. Таквата тактика Џентиле подоцна ќе открие дека ја смислил откако две ноќи по ред гледал кадри од натпреварите на Марадона во потрага по недостатоци во неговата игра.

„Грубо? Фудбалот не е за балерини“, им рекол Џентиле на новинарите после мечот. И фудбалот навистина не е за балерини, а посебна тежина има кога го кажува човекот кој за целата кариера го исклучиле еднаш и тоа за игра со рака.

На овој меч наместо директен црвен картон за ѕверските стартови, Џентиле се прославил како бекот што го задржал Марадона и добил само жолт картон. Опомена добил и Марадона кој гневно викал по судијата.

На крајот Аргентина изгубила со 2:1.

„Марадона ме навредуваше мене, мајка ми и се останато, но тоа ме мотивираше и помислив: ’Ќе си ја завршам задачата“. Во следниот меч Италија го победила Бразил на Зико и влегла во полуфиналето каде ја победиле Полска, па потоа Германија во финалето и првпат од 1938-ма го освоила Светското првенство.

Марадона го завршил турнирот со црвен картон веќе на следниот меч против Бразил кога го исклучиле во 85’ минута при водство на „Кариоките“ од 0-3. После тоа Марадона цели три години не го викале во репрезентацијата. Но за неколку години го остварил сонот од детството - да игра на Светско првенство и да го освои.

„Лично задолжив двајца фудбалери да го чуваат и мислев дека ќе биде доволно, но не успеаа да го затворат. Нас не нè победи репрезентацијата на Аргентина, нас не победи Марадона“, изјавил еден од селекторите на СП 1986-та кога Диего бил капитен и лидер.

Тоа бил првиот од седумте меча на Аргентина на Светското на кои лично само судиите регистрирале 56 груби над Марадона.

Методот „Џентиле“ не функционирал во иднина, затоа што Диего веќе немал 20 години и достигнал ниво на кое бил способен да наниже седум противнички играчи. На крајот тој бил најзаслужен за златниот пехар на Аргентина со пет асистенции и пет голови меѓу кои и легендарните „Божја Рака“ и „Голот на Векот“.

Од тогаш „Гаучосите“ никогаш не освоиле Светско првенство иако доаѓаа до финалето. Мундијалот 1986 ќе остане запаметен по страшните фаули над Марадона но и по убавите голови. Диего изјавил дека најгрубиот фаул што го доживеал во целата кариера бил оној од Андони Гоикочеа од Атлетик Билбао.

„Не жалам за ништо. Не сакам да се правам жртва, но ме тепаа немилосрдно“, ќе напише подоцна Марадона во автобиографијата по завршувањето со фудбалот.

Него го кршеле од ќотек низ целата кариера а на четири Светски првенства официјално бил фаулиран дури 152 пати (вториот играч во статистиката претрпел дури стотина фаули помалку). Дури подоцна ФИФА ќе наложи многу поголем степен на заштита на фудбалерите и ригорозни казни за тешките прекршоци.