Како да се задржи Погба во Јувентус со 2 евра

Планот го има италијанскиот писател Сандро Веронези кој смета дека Јуве не смее да го продаде еден од најважните играчи по ниту една цена. Во Серија А едни праќаат писма против управата, а други прават планови како да се задржи еден од главните играчи.

Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Реал Мадрид, Челси и ПСЖ се спреми да го купат Пол Погба за 70 милиони евра, сума која во моментов не би ја одбил ниту еден италијански клуб, а ниту шампионот на Италија. Веронези им пиша на раководните луѓе на Јуве како и зошто да го задржат фудбалерот од средниот ред.

„Драг Ањели, драги Марота и Паратичи ви пишувам бидејќи во последниве недели се зборува дека Погба ќе биде продаден поради мега понудите, а јас мислам дека постои можност како да го задржите. Нема да ви повторувам зошто да се предомислите, тоа веќе го објаснуваа многумина, а го знаете и вие, туку ќе се задржам на мојот предлог кој го прави остварлив овој сон.

Инаку знаете подобро и од мене, дека не пости гаранција дека нема да се повтори случајот со продажбата на Зидан, а ниту дека потоа дека со парите ќе се купат новите Недвед, Турам и Буфон. Имам право да се сомневам во зборовите кои често ги повторувате дека единствената причина за можната продажба на Погба би била неговата желба да замине, а сè некако изгледа дека на момчето му е добро во Јувентус. Значи единствената пречка би била големата понуда за плата која би ја понудил Реал Мадрид и која е голема во однос на вашата финансиска политика.

Тука следува мојот предлог: побарајте помош од навивачите. Секој навивач кој сака да учествува во платата на Погба нека му дава на Јуве по 2 евра годишно. Едно евро нека оди кај играчот, а другото во хуманитарни цели, како на пример во донации за поплавените во Џенова. Сигурен сум дека тие 2 евра ќе станат милиони и проблемот ќе се реши. Бидејќи на крајот, тоа е предноста на Јувентус во однос на многу од нејзините ривали, што има многу навивачи.

Сигурен сум дека сите ќе учествуваат со радост, бидејќи ќе бидат вмешани во одлука која ќе ги доведе работите во ред. Тоа е можност да се направи нешто добро, да не се запоставуваат најважните работи. Идејата ми е романтична, но и практична и можна бидејќи ние сме многу. Размислете ве молам, а во меѓувреме примете ги моите поздрави“, стои во писмото на писателот кој навива за Јувентус.

Газета дело Спорт спроведе анкета на тоа прашање

По триумфот над Киево минатиот викенд, Јувентус на Инстрагам постираше видео од Погба.

28 јануари 2015 - 17:47