Како тимот од Кисела Вода не се сретна со Јувентус

Европската одисеја на Цементарница 55

На таа ’99-та година се сеќаваме по двомечот на прилепска Победа против Перуџа во Интертото Купот, а ретко кој памети дека во истото натпреварување Цементарница 55 несреќно испадна од рускиот Ростелмаш предводен од Сергеј Андреев, поранешниот тренер на Вардар.

Во сезоната 1998/1999 година македонската фудбалска лига имаше далеку поголема гледаност отколку што тоа е денес. Да бидеме до крај искрени, се играше и поубав фудбал од денес.

Првенството имаше неколку дерби дуели поради кои стадионите „крцаа“. Вардар - Слога Југомагнат (сетете се на полниот запад и исток), Победа - Пелистер, Силекс - Вардар, Вардар - Пелистер (игла немаше каде да падне) итн. Во лигата играа уште и Цементарница 55, некогашен расадник на таленти од скопските предградија, како и Работнички Кометал, Тиквеш, Македонија Асиба, Осогово, Саса.

Освен посетеноста, поголема беше и неизвесноста. Титулата на крај после драматична борба ја освои чаирска Слога Југомагнат со 60 бодови, втор беше Силекс со 57, трета Победа со 53, четврт Вардар со 49. Покрај оваа четворка, пласман во европските квалификации обезбеди и Цементарница 55 која играше во тогашниот Интертото Куп, екипа за која следната сезона против Вардар дебитираше 17-годишниот Влатко Гроздановски.

„Цементара“, како што маалски го викаат овој клуб кој сега игра во Општинската лига на Кисела Вода, првиот излет во Европа го имаше против тимот Колкети од Грузија. Цементарци тогаш славеа со вкупен резултат 8-2 по триумфите од 4-2 и 4-0.

Во втората рунда од Интертото Купот се пласираа и Цементарница и Победа а за противници таму ги имаа рускиот Ростелмаш (денес Ростов во ЛШ) и италијанска Перуџа. Потврда за она „колку е мал светот“ најдовме и во податокот што тренер на тогашниот Ростелмаш бил Сергеј Андреев, доскорашен стратег на Вардар кој во Скопје дојде на наговор на Сергеј Самсоненко, сопственикот на Црвено-црните.

На 3. јули 1999 година на „Градски“ во Скопје Цементарница го пречека рускиот Ростелмаш во втората рунда од Интертото Купот. Жанко Савов, Јакимовски, Ристовски и Серафимовски беа предводници на таа генерација „Цементарци“ кои играа одличен фудбал и во првенството и на меѓународен план.

Пред 3.000 гледачи Цементара поведе во 6. минута преку капитенот Савов, но израмни Мацигура во 37. минута.

Во ревашнот некои фудбалери на Цементара првпат играа пред 16.000 гледачи, но и покрај тоа добро се држеа на теренот и загубија 2:1. Дјадјук го отвори резултатот во 28’ минута, Димитровски им даде надеж на Скопјани во 61’ минута и израмни на 1-1, но само три минути подоцна Ханкеев ги постави конечните 2-1 и ги одведе Русите во следната рунда.

Таму Ростелмаш со вкупни 2-2 (гол во гости) го мина хрватскиот Вартекс и закажа двомеч со големиот Јувентус.

Сергеј Андреев (многу повеќе почитуван во Русија, отколку кај нас каде имаше блед учинок со Вардар) се соочи со големите ѕвезди на светскиот фудбал: Ван дер Сар, Чиро Ферара, Монтеро, Антонио Конте, Пипо Инзаги, Марк Јулиано, Игор Тудор, Песото, Ковачевиќ, Ѕамброта, Едгар Давидс.

Италијанците победија во Русија 0-4 со двата гола на Пипо Инзаги, и по еден на Ѕамброта и Ковачевиќ. Во реваншот во Торино, Јуве повторно беше убедлив и славеше со 5-1 (Инзаги 3, Такинарди и Дел Пјеро). „Бјанконерите“ го освоија Интертото Купот заедно со Вест Хем и Монпеље и сите три тима се пласираа во Купот на УЕФА.

Уште поголем успех Цементарница направи во 2003-та година кога играше во квалификациите за Купот на УЕФА. Тимот од Кисела Вода во предколото играше со полскиот клуб Катовице, тим кој сезона претходно до крај се бореше за титулата во Полска.

Навивачи на Катовице на Градски помогнати од полскиот контингент на КФОР

Со подмладен состав и со тренерот-играч Жанко Савов, Цементарница го направи најголемиот успех во клупската историја откако по 0-0 во Скопје, успеа да извлече 1-1 во реваншот и со гол на гостински терен да се пласира во првата рунда од најмасовното европско натпреварување. Во тој момент Катовице имаше буџет од 7,5 милиони евра, а Цементарница само 150.000 евра.

Мотивираните фудбалери на Цементара поведоа преку Алтим Бајрамовски во 24. минута од мечот, а до крајот примија гол во 57. минута кога Полјаците израмнија преку Ковалчик но недоволно да се урне симаптичната Цементарница 55. Во следното коло „Сините“ од Кисела Вода беа пред најголемиот предизвик во клупската историја откако на ждрепката за противник го добија францускиот Ленс составен од ѕвездите Папа Буба Диоп, Даниел Мореира, Едерсон, Ригоберт Сонг, Кеита.

Како актуелен освојувач на Купот на Македонија (легендарното финале на „Градски“ против Слога Југомагнат), Цементарците во Скопје до 90. минутаа имаа активни 0-0, за да во судиското продолжение Французите преку Папа Буба Диоп победат со 0-1. Пречката на Жанко Савов од слободен удар во финишот се уште се памети и зборува.

На реваншот, очекувано, македонскиот тим немаше што да бара пред 22.600 гледачи и убедливо загуби со 5:0.

Во моментов некогашниот најголем расадник на таленти во земјава, игра во општинските лиги и е далеку од прволигашки фудбал.