Како 14 фудбалери од тимот на Јувентус 2001 станаа тренери

Златната генерација на Јувентус не успеа да врзе 2-3 титули на самиот старт од овој милениум, а имаше состав за такво нешто. Колку само интелигентни играчи имаше во тој состав подоцна предводен од интелигентниот Марчело Липи, потврдува фактот што пола од нив сега делат памет.

Јувентус во 2000-та и 2001-ва во последен момент ги загуби титулите од Лацио и Рома, но моќта на составот потоа дојде до израз кога се радуваа на Скудетото во 2002-ра и 2003-та. Тоа се две од вкупно петте титули кои ги освоија под водство на Липи.

16 години по мртвата трка за титулата која ја загубија од Рома, Јувентус не само што од 25 се искачи на бројка од 32 титули, туку и произведе и ветувачки тренерски кадар. Дел од нив веќе ги освоија и најголемите трофеи во Европа, а дел се мачат во мали клубови.

1. АЛЕСИО ТАКИНАРДИ

13 години беше дел од средниот ред на Јувентус, а неговото име се најде меѓу 49-те легенди запишани во новиот стадион. Кариерата ја заврши во Бреша во 2008-ма, но за сега тешко му оди во тренерските води. Почна со нисколигашот Перголетезе каде остана само една година.

2. ЗИНЕДИН ЗИДАН

Прво почна со резервниот тим на Реал Мадрид кој се натпреварува во втора лига, а следната и воедно и негова дебитантска сезона како тренер беше сезона од соништата. Освои Лига на шампиони, Супер Куп на Европа и Светско клупско првенство. Подобро не можеше да посака. Сезонава брка историја во обид да го направи Реал прв тим кој ја одбранил титулата во ЛШ.

3. АНТОНИО КОНТЕ

Во својата прва сезона во Премиер лигата, Конте е блиску од освојување титула со Челси. Пред да замине на островот освои три титули по ред со Јувентус и два Супер Купови на Италија, а исто така му помогна на Бари да влезе во прва лива во 2009-та. Како селектор на Италија на ЕП 2016 стигна до четвртфинале.

4. ИГОР ТУДОР

Иако има само 39 години веќе застана на чело на четири екипи. Почна во Хајдук Сплит, па замина во ПАОК, Карабукспор и од февруари годинава е тренер на Галатасарај. Во Јувентус играше 9 сезони.

5. ФИЛИПО ИНЅАГИ

Откако ја заврши кариерата во Милан, се проба и како тренер, но издржа само 14 натпревари. Славната 9-ка сезона одлично му тргна со Венеција, клуб кој неколку пати се соочуваше со банкрот и кој од трета го носи во втора лига.

6. ЏАНЛУКА ЅАМБРОТА

Ѕамброта играше за едни од најголеми екипи како Јувентус, Барселона и Милан, а кариерата како тренер ја гради во Индија. Го води Делхи Динамос кој заврши на трето место каде игра поранешниот фудбалер на Челси, Флорент Малуда.

7. ЕДГАР ДАВИДС

Силен играч од средниот ред кој играше во Јувентус, Ајакс и Тотенхем, но со темперамент кој не е баш за тренер. Го водеше Барнет од 2012-та до 2014-та кој испадна од англиската Лига 2, а на некои гостувања не ни одеше со образложение дека се играле многу далеку. За сега нема информации дали ќе продолжи по тренерскиот пат.

8. ПАОЛО МОНТЕРО

Освои 12 трофеи со Јувентус од кои 4 Скудета, но уште поимпресивен е податокот од добиени 21 црвени картони. Го води Росарио, родниот град на Меси, иако како играч беше член на нивниот најголем ривал Њувелс Олд Боус. За сега не му обид баш, се наоѓа на 21-позиција по 16 одиграни средби.

9. ЧИРО ФЕРАРА

Легендарниот дефанзивец на Јувентус и Наполи беше дел од стручниот штаб на Италија кога стана Светски првак во 2006-та, а во 2009-та стана тренер на Јувентус откако беше отпуштен Клаудио Раниери. Потоа ја презеде Италија У21, па Сампдорија, а последно беше тренер во Кина.

10. ЏАНЛУКА ПЕСОТО

Приказната за Песото е малку тажна. Беше назначен за менаџер во Јувентус, но имаше неколку скршеници и внатрешно крварење откако се фрли од прозор неколку дена откако клубот беше обвинет во Калчополи. Освои 6 Скудета и ЛШ, а сега е спортски директор во младинската академија на Јувенус.

11. МИКЕЛАНЏЕЛО РАМПУЛА

Беше дел од стручниот штаб на Јувентус откако 10 години бранеше за овој тим во периодот од 1992-ра до 2002-ра. Сега е тренер на голманите во фудбалската репрезентација на Кина и верен соработник на Липи.

12. МАРКО ЅАНКИ

Немаше многу настапи за Јувентус бидејќи помина многу време на позајмици. Поранешниот фудбалер од одбрана стана тренер во младинските академии на Виченца и Венеција.

13. АТИРСОН

Претпоследниот на оваа листа мина само една година во Торино каде одигра само неколку натпревари. Стана тренер на Еспорте Фламенго и го водеше само неколку месеци, а тврдеше дека тимот толку бил сиромашен што морал на играчите да им купува храна.

14. ХУАН ЕСНАИДЕР

Се работеше за напаѓач со авантуристички дух кој смени многу клубови во кариерата, а меѓу нив и Реал Мадрид, Атлетико, Јувентус, Еспањол, Порто и Ривер Плејт. Ги водеше Сарагоса Б, Кордоба и Хетафе, а сега е тренер во Јапонија.

Овие 14 тренери, мора да научат една лекција од тогашниот нивни тренер кој беше на чело на Јувентус од 1999-та до 2001-ра. 

Карло Анчелоти беше отпуштен откако ги загуби двете титули по ред