Роби Кин се повлекува од репрезентацијата

Уличниот фудбалер кој прослави јубилеј на Градски во Скопје

Најдобриот ирски напаѓач на сите времиња реши во среда против Оман да стави крај на 18-годишната репрезентативна кариера. Зелениот дрес го носеше секаде, а во Скопје го даде 50-от гол за Ирска.

За Роби Кин гладот за голови и потрагата по нови авантури никогаш нема да остарат, но 18 години по дебито за Ирска го прават неминовен фактот дека неговото тело веќе не може да ги издржи напорите.

Од разни причини (читај селектори), Роби не секогаш беше добро примен во зелениот дрес, но фантастичната кариера во репрезентацијата и 17. место на вечната листа на стрелци во светот го прават уличниот фудбалер од Даблин најдобар напаѓач во историјата на оваа земја.

67 (шеесет и седум) голови на 145 настапи и желбата за уште никогаш не згасна. Само во 2003. година го пропуштил гостувањето на Ирска против Грузија (1:2) поради смртта на татко му. Во исто време Кин се опоравуваше од повреда на коленото и не се очекуваше да биде во составот, но три дена подоцна тој отпатува за Тирана после погребот на татко му и го започна мечот против Албанија (0:0).

Неговиот јубилеен 50. гол за Ирска го постигна против Македонија, на „Градски“ во Скопје кога Ирците славеа 0-2 во квалификациите за ЕП 2012:

Меѓу бројните признанија за 36-годишниот Роби Кин кој ќе се прости од дресот на Ирска следната среда на пријателски меч против Оман е и она од Мик МекКарти, легендарниот селектор кој му даде шанса на Кин да дебитира во Чешка во 1998. година.

„Тој ја разбира играта, игра како уличен фудбалер. Има фудбалска интелегенција која го следи уште од дебито на 17 години“, изјави МекКарти за радиото РТЕ.

Еден од најважните голови на Кин беше оној во последната минута против Германија на СП 2002 година. На тој Мундијал Кан го матираа само тој и Роналдо. Роби Кин на тоа Светско првенство даваше голови на три меча по ред и тоа против противници како Германија, Шпанија, Холандија, Италија и Франција. Последниот негов сјаен настап за Ирска беше во баражот за Европското 2012 против Естонија, иако и следната година во бараж постигна ефектен гол против Шведска.

Со головите против Гибралтар, Роби стана најдобар стрелец на сите времиња во квалификациите за Европските првенства. Сега целата нација се надева дека ќе постигне уште еден гол за репрезентацијата во среда со што би имал 68 и би се израмнил на вечната листа репрезентативни стрелци со Герд Милер на 15. место.

Како што рече ирскиот претседател Мајкл Д’Хигис, Кин не само што е најдобриот напаѓач на сите времиња, туку е и одличен амбасадор на Ирска.