Ја судеше Барселона - Сити, сега ќе суди во селска лига

Најдобриот српски судија Милорад Мажиќ веќе неколку години суди натпревари од Лига на шампиони, Лига Европа, Светско и Европско првенство, но тоа многу многу не им значи на луѓето од неговата матична куќа кои го суспендираа на стартот на првенството во Србија.

УЕФА на Мажиќ веќе неколку сезони му ги поверува најголемите и најтешките мечеви за судење, Мажиќ во својата земја минува низ ситуација на која не бил навикнат во минатото.

Пред само една недела на „Камп Ноу“ им судеше на најголемите светски фудбалски ѕвезди Лионел Меси, Иниеста, Пике, Агуеро, Давид Силва, Нејмар и Суарез а веќе викендов, поточно во сабота ќе го суди натпреварот од зонската лига на Белград (четврта лига по ранг) меѓу Јединство Сурчин и Борац Остружница.

За вакво нешто Мажиќ дознал во текот на оваа недела, а таквиот развој на настаните е поради тоа што на почетокот на сезоната го суспендираа на неколку меча од првата српска лига.

Како што пишува „Спортски журнал“, Мажиќ ќе го судел овој четвртолигашки дуел заедно со своите долгогодишни помошници Милован Ристиќ и Далибор Ѓурѓевиќ кои мавтаа знаменца на „Камп Ноу“.

„Секогаш се трудиме да работиме на популаризацијата на аматерскиот белградски фудбал, а ангажманот на Мажиќ, Ристиќ и Ѓурѓевиќ ќе биде идеален чекор во таа насока. Сакаме да покажеме дека и во четвриот ранг постои квалитет кој не смее да се занемари. Зонската лига е сериозно натпреварување“, изјавил во таа прилика Марко Осмајлиќ, комесарот за зонско натпреварување.