Излезот на Британија од ЕУ им носи загуби на премиерлигашите

Велика Британија и Европската унија веројатно ќе водат долги преговори околу начинот на кој ќе се разделат, а тие со голем интерес ќе ги следат клубовите од Премиер лигата кои беа против излегување од ЕУ. Тоа им носи компликации околу трансферите.

Премиерлигата како најбогата фудбалска лига во светот веќе почна да ги чувствува последиците откако вчера граѓаните на Велика Британија на референдумот по име Брегзит изгласаа за отцепување на нивната земја од ЕУ.

Жив пример за тоа е Вест Хем кој понуди 40 милиони фунти за Александар Лаказет или во превод 52 милиони евра. Но тие пари сега вредат 48,9 милиони евра.

Раководните луѓе на тимот на Славен Билиќ не ја намалија понудата за напаѓачот од Лион, туку тоа се случи бидејќи фунтата синоќа го имаше најголемиот пад во последниве три децении. За Вест Хем значи загуба од 3 милиони евра.

Лион два пати до сега го одби Вест Хем за Лаказет кој е на мета и ПСЖ, Атлетико Мадрид и Тотенхем и останува да се види дали третата понуда ќе биде доволна за Французите да му го продадат на премиерлигашот.

Падот на вредноста на фунтата е првиот проблем со кој ќе се соочат клубовите од Премиер лигата бидејќи така за нив ќе бидат поскапи странските фудбалери. Вториот проблем за кој сигурно долго ќе се дискутира се работните визи на странците кои играат на островот.

Тоа подразбира дека сите играчи кои се од ЕУ ќе треба да вадат визи за да настапуваат во Велика Британија која е позната по строгите критериуми за вадење. Во моментов има стотици фудбалери кои ги засега овој проблем.

Референдумот за излез од ЕУ за премиерлигашите ќе значи и дека ќе го загубат правото за потпис на играчи до 18 години, а тоа им го налага членот 19 од правилниот за трансфери на малолетници.

На пример Манчестер Јунајтед не го може да го ангажира Андан Јанузај од Белгија или Фабрегас сега да беше малолетник немаше да може да ја напушти Барселона и да замине во Арсенал како што тоа направи во 2003 година.

Голема врева денеска се крена околу статусот на Герет Бејл во Реал Мадрид кој практично ќе треба да се третира како странец. Клубовите во Ла Лига имаат право на тројца играчи кои не се од земјите од ЕУ.

Тоа во моментов се Хамес Родригес, Данило и Каземиро, што значи дека Реал Мадрид доколку сака да го задржи Велшанецот за кој плати околу 100 милиони евра, ќе треба да жртвува еден од овие играчи.

Тоа не мора да се случи уште ова лето, бидејќи отцепувањето на Велика Британија од ЕУ ќе трае минимум две години.

24 јуни 2016 - 13:52