Валтер Самуел се повлече

И ѕидот пушти солзи

По две децении кариера, 635 меча и 22 трофеи, уште едно легендарно фудбалско име кое инаку го гледавме на Градски против Вардар, ги закачи копачките на клинец. По неговото пензионирање, само Тоти останува активен играч од Скудетото на Рома во 2001-ва.

Валтер Самуел го сметаат за еден од најдобрите дефанзивци од неговата генерација. Беше силен, моќен, агресивен, бескомпромисен, со одлично чувство за антиципација. Поради овие карактеристики кои му носеа голема ефикасност во дуел играта го заработи прекарот The Wall (ѕидот).
 
Го напушти фудбалот во солзи и во прегратка на Алдеир со кој го освои Скудетото во 2001 година и со Николас Бурдисо кој му беше соиграч во Интер, клуб со кој стигна до историската тројна круна под водство на Мурињо. Тоа се само двајца од неговите колеги и пријатели кои дојдоа да му ракоплескаат во последното коло од швајцарското првенство.
 
Самуел ја заврши кариерата на 38 години како играч на Базел каде за две години престој освои две титули и Куп.
 
Кариерата му почна во 1996-та во Њу Олд Бојс во времето кога Меси се калеше во младинската академија на овој клуб. Потоа настапуваше за Бока Јуниорс, а во 2000 година направи трансфер во Рома за 20 милиони евра.
 
 
Веднаш се наметна како столб во одбраната во Серија А, а со неговите квалитети во 2004-та заработи премин во Реал Мадрид вреден 25 милиони евра. Кралскиот дрес не му легна многу па за една година се врати во Италија. Трансфер во Интер. Полн погодок.
 
Како дел од златната генерација на Џузепе Меаца освои 5 Скудета, 3 Купови, 4 Супер Купови и по еден трофеј во Лига на шампиони и Светско клупско првенство. По 9 блескави сезони со Интер замина во Базел колку да ја доврши кариерата.
„Самуел е презимето на таткото кој ме израсна. Мојот биолошки татко ме напуштил кога сум бил мал. Се обиде да ме види дури кога станав популарен, но му реков да се држи настрана или ќе го убијам“, вели Аргентинецот за неговиот лош момент од животот.
 
Во интервју за Baz Zeitung се потсети на моменти со Мурињо.
„Знаеше да го намали притисокот на играчите и да го стави врз себе. Тој беше многу директен и тоа мене ми се допаѓаше. Се сеќавам на момент кога беше лут кога загубивме 3:0 од Катанија. Не собра на терен и ни одржа една добра лекција, укажувајќи ги сите наши грешки, како и тоа што не сме трчале доволно. Тоа ни помогна многу бидејќи од тогаш не загубивме натпревар“. 
27 мај 2016 - 13:00