Вечниот храм Енфилд Роуд

Историја, традиција, радост, тага, легенда или со едно име Енфилд Роуд. Стадионот на кој се одржуваат комеморации, прослави на титули и разни манифестации поврзани со Ливерпул, градот кој живее за фудбалот.

Изграден во 1884-та година со Евертон како негов кираџија, Енфилд се наоѓа во истоимената област во Ливерпул која се наоѓа јужно од познатиот Стенли Парк. Токму таму, пред 130 години се изградил стадион за сите спортови, а чудно звучи што првата екипа што заиграла на Енфилд Роуд е Евертон, најголемиот ривал на „редсите".

И покрај тоа што на Енфилд никогаш не се играло некое големо финале поради помалиот капацитет, стадионот на Ливерпул важи за најомилено место на навивачите од целиот свет.

„За историјата на Ливерпул зборуваат тие четири ѕида, кои ги паметат сите моменти врзани со фудбалот во нашиот град“, изјави Кени Даглиш, поранешниот фудбалер и тренер на „црвените“.

Од трибините Спајон Коп и Енфилд Роуд, до Мејн Стенд и Сентенари Стенд, секој викенд се ори „You''ll never walk alone", а многу фудбалери кои истрчале на Енфилд Роуд изјавиле дека најголем впечаток им оставила атмосферата од тунелот, на кој од бука се тресе натписот „This is Anfield". Во 1892 година, „карамелите" се преселиле на Гудисон Парк, каде играат и денес, а Ливерпул станал сопственик на Енфилд Роуд веднаш по основањето на клубот истата 1892-ра година.

„На сите соиграчи им пренесов да го уживаат Енфилд, затоа што атмосферата на тој стадион е единствена во светот“, изјави Алваро Арбелоа, бекот на Реал Мадрид, кој во среда му гостува на Ливерпул.

КОП се вика трибината на која стојат најверните и најгласните навивачи на Ливерпул. КОП-от е воедно првата реновирана трибина на стадионот во 1928-та година кога капацитетот бил зголемен на 12.390 седишта. По неа, јадрото на секоја навивачка трибина во светот се вика КОП, а во градот Ливерпул навивачите немаат посебни места како плоштади или фонтани на кои ги обележуваат големите настани.

Стадионот на Ливерпул е место на кое се одржуваат сите манифестации поврзани со клубот, без разлика дали е комеморација (Хејсел, Хилзброу) или прослава на титулите. Капацитетот на Енфилд Роуд изнесува 45.276 седишта, а стадионот беше домаќин на една од групите и еден натпревар од ЕП 1996-та година.

Во пресрет на дуелот со Ливерпул, зборуваше и тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти.

„Тоа е клуб што отсекогаш ме возбудувал. Никој не ја пее клупската химна како навивачите на Ливерпул. Неверојатно е кога ја пеат You''ll never walk alone, а утре сакам да излезам порано од соблекувалните за да ги слушнам како пеат“, вели Италијанецот.

Анчелоти нема убави сеќавања од Ливерпул, затоа што во 2005-та година како тренер го водеше Милан во епското финале против „црвените“ во Истанбул. Милан водеше на полувремето 3:0, а Ливерпул израмни во вториот дел и славеше на пенали.

„Водевме 3:0 на паузата а 45.000 навивачи на Ливерпул цели 15 минути ја пееа химната. За нас беше прав шок, затоа што во Италија ако губиш со 3:0 може да те гаѓаат со камења и да те исмеваат. Не мислам дека тоа беше пресудно на натпреварот, но многу им помогна“, констатираше Карло Анчелоти.

21 октомври 2014 - 15:46