Господинот 32 трофеи

Агентот на Дани Алвеш неодамна изјави дека 34 годишниот Бразилец сега игра подобро отколку кога замина во Барселона во 2008-ма. Можеби некој нема да се сложи ама тоа е вистина и плус има ист број трофеи со Златан. Само двајца играчи на планетава имаат повеќе.

32. Тоа е бројот на трофеи на Дани Алвеш, триесет и два. Бројка за неверување и бројка до која стигна синоќа на Олимпико во Рим откако Јувентус во финалето на Купот на Италија славеше против Лацио со 2:0.

Дани Алвеш не само што даде гол, што често му се случува во последно време, туку уште еднаш покажа дека има кариера како бек за која сите може само да сонуваат.

Кога ќе се избројат неговите трофеи само на клупски план (без индивидуалните и оние за репрезентација), овој извонреден успех го дели со Златан Ибрахимовиќ. На оваа скала тие се трети во свет по бројот на трофеи.

Златан до 32 трофеи стигна во дресот на Ајакс, Јувентус, Интер, Барселона, Милан, ПСЖ и Манчестер Јунајтед, а Дани Алвеш со Бахиа, Севиља, Барселона и сега со Јуве.

Она што мора да се издвои е дека и двајцата имаат можност да ја зголемат таа бројка. Ибра со трофеј во Лига Европа, што би било негов прв во кариерата, а Алвеш со првата титула во Серија А, како и четврта во Лига на шампиони.

Но и да ги освојат, оваа сезона нема да имаат можност да ги стигнат најдобрите двајца. Втор на оваа листа е легендата на Манчестер Јунајтед Рајан Гигс кој има 35. Дани Алвеш може да го стигне ако освои Серија А, ЛШ и Супер Купот на Европа во месец август.

А кој е прв? Ќе се изненадите. Не е Меси кој има 29, ниту Иниеста кој има 30, туку повторно бек од Бразип, а тоа е Максвел. Играше во Кризеиро, Ајакс, Интер, Барселона и ПСЖ, за репрезентација има само 10 настапи, но затоа е единствен во светот со 36 клупски трофеи.

Максвел не е најдобар бек во светот, а можеби не е подобар ниту од Дани Алвеш, но многу е битно во кариерата да ти се стрефи и тимот.

Сите 32 трофеи на Дани Алвеш:

БАХИА

Домашно првенство во Бахиа: 2001
Куп Нордесте: 2001, 2002

СЕВИЉА

Копа Дел Реј: 2006/2007
Супер Куп на Шпанија: 2007
Куп на УЕФА: 2005/2006, 2006/2007
Супер Куп на УЕФА: 2006

БАРСЕЛОНА

Ла Лига: 2008/2009, 2009/2010. 2010/2011, 2012/2013, 2014/2015. 2015/2016
Копа дел Реј: 2008/2009, 2011/2012, 2014/2015, 2015/2016
Супер Куп на Шпанија: 2009, 2010, 2011, 2013, 2016
Лига на шампиони: 2008/2009, 2010/2011, 2014/2015
Супер Куп на УЕФА: 2009, 2011, 2015
Светско клупско првенство: 2009, 2011, 2015

ЈУВЕНТУС

Копа Италија: 2016/2017

18 мај 2017 - 17:24