Голгетери кои ќе се борат за Златната копачка на Европското

Точно уште еден ден останува до почетокот на најголемиот собир на млади таленти во фудбалска Европа. На дело ќе гледаме фудбалери на Реал Мадрид, Барселона, Арсенал, Манчестер Сити, но и расни стрелци од скромни екипи.

Дејви Селке, Германија

Центарфорот на „Панцирите“ имаше слаба сезона, така што во Полска ќе сака да го докаже неспорниот квалитет. 22-годишниот Селке веќе обезбеди трансфер во Херта Берлин со која ќе игра во Лига Европа и каде ќе има поголема минутажа отколку во Лајпциг.

Пред две години Селке беше главно засилување за најголемото изненадување во Германија но сезонава што измина стартуваше само два пати во Бундеслигата. Прв избор беше Тимо Вернер кој ќе игра за сениорите на Купот на Конфедерации.

Селке беше најдобар стрелец кога Германија У19 го освои Европското во 2014 а од тогаш даде 23 гола на 32 настапи за У20 и 7 гола на 11 меча за У21.

За клубот сезонава даде 4 гола во 436 одиграни минути.

Сандро Рамирез, Шпанија

Фудбалерот на Малага има најмногу првенства зад себе од сите кои ќе трчаат по „Златната копачка“ за прв стрелец. Шпанија, европски првак во 2011 и 2013 има екстремно јак состав - Хектор Белерин, Марко Асенсио и Ињаки Вилијамс, така што покрај нив некогашниот ученик на Барселона Сандро Рамирез би требало да биде ефикасен (се надеваме не и против Македонија).

21-годишниот Рамирез даде 14 гола во Ла Лига сезонава или 8 повеќе од сите играчи на негова возраст. Само Меси сезонава дал повеќе голови надвор од шеснаесетникот (9). Рамирез постигнал 5 надвор од поле.

Луис Бејкер, Англија

Откако две сезони мина на позајмица во Витезе, Луис Бејкер е повеќе познат во Холандија отколку во татковината. Во отсуство на неговиот другар од Челси Рубен Лофтус-Чек, 22-годишниот Бејкер ќе се обиде да биде гол-машината.

Сезонава даде 10 гола и стана најдобар стрелец во холандскиот Куп со 5 гола на 6 меча. Витезе го крена трофејот од Купот благодарение на Бејкр (даде два гола во полуфиналето против Спарта Ротердам). За Англија У21 досега постигна 7 гола на 13 настапи.

Урош Ѓурѓевиќ, Србија

Единствениот репрезентативец на Србија којшто игра во домашното првенство. Во случај Србите да ги надминат предвидувањата и прогнозите и се пласираат понатаму, Ѓурѓевиќ (23) би можел да биде главна фигура.

Шпицот на Партизан даде 9 гола во квалификациите за ЕП, а сезонава беше и најдобар стрелец во лигата со дури 24 гола на 29 настапи. Сигурно е дека многу скаути ќе го гледаат него. Има искуство играње во Витезе и Палермо а го викаа и за сениорската репрезентација.

Патрик Шик, Чешка

Можеби фаворит број еден да ја освои Златната Копачка за најдобар играч на првенството. Патрик Шик е многу близу до трансфер во шампионот Јувентус.

21-годишниот Чех постигна најмногу голови од сите во квалификациите за ЕП (10) а во дебитантската сезона во Серија А даде 11 гола или по 1 гол на секои 134 минути во просек.

Висок, брз, елегантен во поседот на топка и интелегентен во движењата, Шик е real deal и кладилниците него му даваат најдобар коефицент за најдобар стрелец.

Но треба да се има предвид дека Чешка е во група со Германија и Италија.

Маркус Ингварстен, Данска

Уште еден 21-годишен којшто би можел да се прослави летово. Далеку помалку вреди на трансфер пазарот од Шик, но со 8 гола на 8 меча во квалификациите го сврте вниманието кон себе.

За неговиот клуб Нордсјеланд од Данска постигна 14 гола а во плејофот даде 9 на 10 настапи па со вкупно 23 гола стана најдобар стрелец во данската лига.

Данска ќе има тешка задача против Германија, Италија и Чешка, но со ваков шпиц во форма ништо не е невозможно.