Фудбалска ноќ резервирана за дерби мечеви

Каталонците на „Сан Сиро" во Милано, Милионерите на „Емирати" во Лондон, Сините на Мурињо во Гелзеркирхен против Шалке и Пандев со Наполи на „Велодром" против Марсеј. Од убаво поубаво во вечерашното трето коло од Лигата на шампионите.

Најинтересните факти за мечот Милан-Барселона:

-Историјата на овој дуел датира уште од 1959 година кога во тогашниот Куп на Шампиони Барселона на два пати успеала да слави. Во меѓусебните дуели на европските натпреварувања Барселона има 7 победи, 5 има Милан и 5 средби завршиле нерешено.

-Овие две екипи никако да избегнат дуел во последните три сезони во ЛШ. Минатата сезона во осминафиналната рунда Барселона отиде понатаму со вкупен резултат 4:2. Во сезоната 2011/2012 се судрија во четвртфиналето во кое Барса беше поуспешна со вкупни 3:1, а беа дел и од иста група во првата фаза.

-Алегри има многу проблеми со составот. Повредени се Бонера, Де Шиљо, Пацини, Ел Шарави, Абијати, а на голот не може да го замени ниту Габриел кој не е пријавен во ЛШ. Марко Амелија ќе застане на голот кој нема натпревар од месец април, а Балотели најверојатно ќе стартува од клупата. Тата Мартино освен Алба и Афелаи, ги има сите останати играчи на располагање.

-Судија на мечот ќе биде Феликс Брих кој изминатиов викенд во Бундес лигата му призна непостоечки гол на Кислинг на средбата помеѓу Баер Леверкузен и Хофенхајм.

-Барселона има комплетирано вкупно 1387 прецизни додавања, повеќе од сите други екипи со најголема ефикасност од 87%. Тие во просек имаат и најдобар посед на топка од 64%.

-12 играчи на Барселона беа повикани минатата недела за настапите со своите репрезентации, а 7 кај Милан.

-Викендов тимот на Барселона ремизираше по дури 64 меча во Примера и го одигра првиот нерешен резултат под водство на новиот тренер.

Најинтерсните факти за мечот Арсенал – Борусија Дортмунд:

-Трето соочување за овие две екипи во ЛШ. Пред две години во групната фаза на првиот меч во Германија резултатот беше 1:1, а на „Емирати" Топџиите славеа со 2:1. Во 2002 година и двете екипи славеа на домашен терен.

-И двата тима имаа одличен старт сезоната во домашните првенства. Фудбалеите на Венгер се први во Премиер лигата, а Борусија има 7 победи и по едно реми и пораз во Бундес лигата.

-Германците кои беа европски шампиони во 1997 година, се враќаат во стадионот каде минатата година со симнати глави си заминаа дома откако беа поразени во финалето од Баерн Минхен.

-Арсен Венгер е во дилема дали да ги ризикува Казорла и Сања кои не се 100% фит, а за вечерашниот меч сигурно ќе ги нема на располагање Волкот, Дијаби, Подолски, Чембрлен и Фламини.

-Бендер, Хофман, Пишчек и Гундоган не му се на располагање на Јурген Клоп кој вечерва нема да биде на клупата поради суспензијата од мечот против Наполи. Неизвесен е и настапот на Шмелцер и Кел кои немаат одиграно меч од минатиот месец.

-Арсенал со 59 бодови и 19 победи е најефикасен тим во Премиер лигата во 2013 година.

-Дури 13 играчи од „Емирати" имаа репрезентативни обврски минатата недела, додека кај Борусија само шест.

-Мертезакер, Озил и Подолски од Арсенал се дел од селекцијата на Германија заедно со членовите на Боурисја Хумелс, Шмелцер, Кел, Гундоган, Ројс и Гроскројц. Од Полската репрезентација се голманите на Арсенал Фабиански и Шчешни и фудбалерите од Борусија Левандовски, Пишчек и Блашиковски.

Група Е
Шалке-Челзи
Стеауа-Базел

Група Ф
Арсенал-Борусија Дортмунд
Олимпик Марсеј-Наполи

Група Г
Австрија Виена-Атлетико Мадрид
Порто-Зенит

Група Х
Милан-Барселона
Селтик-Ајакс

22 октомври 2013 - 13:54