Фудбалерите на најомразениот германски клуб не можеа да влезат на стадион

Лајпциг годинава за прв стана Бундеслигаш, но со милионите кои ги има на располагање треба да смисли некоја стратегија како да им се наметне на другите екипи и да им докаже дека ќе биде фер играч. Бидејќи каде и да се појават, се соочуваат со протести. Никој не ги сака.

Последниот меч од 5 коло во Бундеслигата започна со задоцнување од 15 минути, а причина за тоа беа протестите во Келн каде гостуваше Лајпциг, тимот кој носи етикета на најомразен клуб во Германија.

Гневот на навивачите кон овој клуб оди до таму што синоќа околу 100 фанови на Келн го блокираа влезот на стадионот за да не можат гостите да влезат. Не помогна ниту интервенцијата на полицијата, па автобусот мораше да кружи и успеа да најде друг влез.

Навивачите се појавија со транспаренти „парите убиваат“, „еби се Лајпциг“ и ред други навредливи пароли кон клубот за кој сметаат дека ја руши традицијата, историјата и чувството за фудбал во Германија и дека е пример за модерен фудбал каде на прво место се парите и профитот.

Доцнењето на играчите во соблекувална кои беа спречени да влезат на стадион го примораа судијата да го помести мечот за 15 минути и потоа протестите продолжија и на трибините.

„На осмиот ден Господ го создаде Келн, а вашиот клуб е правен во фабрика“, пишуваше на еден од транспарентите.

Раководството на Келн се дистанцираше од протестите на навивачите и им се извини на гостите за непријатната ситуација. Но тие веќе се навикнати на разно разни демонстрации кои ги трпат две години, претходно во втората германска лига.

Во повеќе наврати домашните навивачи ги празнат трибините и во знак на протест не одат на стадион кога гостува Лајпциг. Оваа сезона навивачите на Дрезден фрлија глава од бик за да ја покажат омразата спрема нив, а ултрасите на Борусија Дортмунд решија мечот со Лајпциг да го слушаат на радио.

Навивачите на Хофенхајм се единствените кои се солидаризираат со навивачите на Лајпциг, па и тие добиваат критики, но во поблага форма.

Во Бундеслигата нема тајкуни како во Премиер лига кои со помош на своите милијарди поместуваат граници во фудбалот. Затоа навивачите се против проектот на компанијата Ред Бул која за шест години Лајпциг од петтолигаш го однесе во елитата и има планови да го прави конкурентен клуб за освојување трофеи.

26 септември 2016 - 14:32