Финишот се ближи, кој за што се бори во Европа?

Во најдобрите европски лиги шампионот веќе е познат, но последните коло, две ќе решаваат за тоа кој ќе оди во Европа и кој ќе остане во елитните друштва. Борбата за гол живот и опстанок е поголема од онаа за во Европа.

Во петте најголеми европски првенства шампионите ги прославија титулите. Челси, Барселона, Баерн Минхен, Јувентус и ПСЖ се прваци на своите земји. Во моментов актуелна е иднината на Анчелоти со Реал Мадрид и можниот ангажман на Рафа Бенитез на Бернабеу, како и борбата за третото место во Премиер лигата меѓу Арсенал и Манчестер Јунајтед.

Во Шпанија за четвртата позиција која води во квалификациите за ЛШ во последното коло ќе се борат Валенсија и Севиља. Во Франција, третото место го брани Монако а го напаѓаат Марсеј и Сент Етјен. Во Турција се игра дербито Галатасарај - Бешикташ, од кое најмногу може да искористи Фенербахче.

АНГЛИЈА

Челси е прв, Ман. Сити втор. Арсенал може да го осигура третото место (директно води во ЛШ) со реми против Вест Бромвич Албион. Ман. Јунајтед игра на гости против незгодниот Хал Сити кој мора да победи ако сака да опстане во лигата. Во недела од 16 играат: Евертон - Тотенхем, Сити - Саутемптон, Стоук - Ливерпул, Челси - Сандерленд, Арсенал - Вест Бромвич, Њукасл - Вест Хем, Хал - Манчестер Јунајтед.

ШПАНИЈА

Откако Барселона ја освои и прослави титулата, најважна е битката за четвртото место меѓу Валенсија (бега еден бод) и Севиља кои играат против Алмерија (се бори за опстанок) односно Малага (која игра за ЛЕ). Сепак, Севиља ќе обезбеди пласман во Лигата на шампионите и ако го победи Днипро во финалето на Лига Европа. Четири екипи (Алмерија, Еибар, Депортиво и Гранада) се борат за гол живот за да избегнат две места кои носат во понизок ранг. Во сабота од 18:00 играат: Еибар - Кордоба, Алмерија - Валенсија, Гранада - Атлетико М, Барселона - Депортиво, Атлетик Билбао - Виљареал, Малага - Севиља. Од 20:30 играат Реал и Гетафе.

ГЕРМАНИЈА

Дортмунд се надева дека може да обезбеди место во ЛЕ, додека шест екипи (Херта, Фрајбург, Хановер, Штутгарт, Хамбургер и Падерборн) грчевито ќе се борат да не испаднат од лигата. Директни мечеви за опстанок се Хановер - Фрајбург и Падерборн - Штутгарт. Во сабота од 15:30 играат: Дортмунд - Бремен, Франкфурт - Леверкузен, Менхенгладбах - Аугзбург, Келн - Волфсбург, Баерн - Мајнц, Падерборн - Штутгарт, Хамбургер - Шалке, Хановер - Фрајбург и Хофенхајм - Херта.

ФРАНЦИЈА

Лига 1 се затвора со борбата за третото место кое води во ЛШ, со Монако кој мора да го победи дома безбедниот Лориен, додека уште се надеваат Марсеј и Сент Етјен кои ги пречекуваат Генгам и Бастија. Од лигата веќе испаднаа Ленс, Мец и Евијан. Во сабота од 21: Лориен - Монако, Рен - Лион, Сент Етјен - Генгам, ПСЖ - Реим, Марсеј - Бастија.

ИТАЛИЈА

На Апенините најголема борба ќе се води за третото место кое води во Лигата на шампионите, а за кое подеднакво конкурираат Рома, Лацио и Наполи. Римското дерби се игра во понеделник, кога Рома и Лацио ќе одлучат кој би можел да биде втор и директно да се пласира во ЛШ. Волчицата во моментов е втора и му бега на Лацио еден бод. Наполи е трет со три бода зад Лацио. До крајот има уште две кола.

Од лигата испаднаа Парма, Чезена и Каљари, а нови прволигаши  се Капри и Фрозиноне.

Од останатите лиги, во Турција на две кола до крајот, Фенербахче заостанува три бода зад лидерот Галатасарај и игра дома против Истанбул Басакшехир во понеделник од 19 часот. Ден претходно, во недела од 19:00 дерби играат Галатасарај и Бешикташ кој е трет и уште се надева на титулата. Во Романија, на две кола пред крајот, изненадувањето Таргу Муреш има бод повеќе од Стеауа и во недела од 20 игра дома против Астра. Во исто време Стеауа игра против мирниот Ботошани кој е во златната средина.