Финалето во Стокхолм ги разбуди најубавите спомени на двајца татковци и легенди на Ајакс

Последното европско финале на Ајакс пред она вчерашното датира од времето кога клубот од Амстердам беше најсилен. Со тек на време тие легендарни играчи како старееа се повлекуваа надевајќи се дека како нивни наследници ќе ги гледаат нивните синови, како и што беше вчера.

Дени Блинд и Патрик Клајверт се дел од легендарната генерација на Ајакс која под водство на Луи ван Гал ја одигра онаа незаборавна сезона 1994/1995 со титула без пораз во домашното првенство, трофеј во Лига на шампиони, Супер Куп на Европа и Интерконтинентален Куп.

Блинд мина 13 незаборавни години во Амстердам, каде беше лидер и капитен во тимот во кој ја држеше одбраната заедно со Де Бур и Разијнгер, а каде меѓу другите играа и Ван Дер Сар, Сидорф, Давидс, Рајкард, Овермарс.

Освои вкупно 13 трофеи, а како дефанзивец постигна многу важни голови за историјата на клубот. Во финалето од Супер Купот на Европа 1995-та даде два гола од пенал во двомечот против Реал Сосиедад кој го добија со вкупни 5:1, а во финалето од Интерконтиненталниот Куп против Гремио, истата година го постигна решавачкиот гол во пенал серијата.

За разлика од него 15 години помладиот Патрик Клајверт во Ајакс се задржа само 3 години, но заедно ги делат оние најголеми успеси за клубот. Во финалето од ЛШ против Милан во Виена, Клајверт влезе од клупата и го реши мечот како најмлад стрелец со 18 години, 10 месеци и 23 дена. Во легендарната сезона на Ајакс во првенството на 25 меча постигна 18 голови.

Патиштата на Блинд и Клајверт се споија и пред 5 години кога нивниот тренер Ван Гал ги зема за свои помошници во селекцијата на Холандија. 22 години по финалете на Ајакс во ЛШ на некој начин тие повторно беа дел од него, но овој пат како големи навивачи на клубот во кој ги запишаа оние златни успеси.

Тешко е да се каже дека срцето на двајцата легенди на Ајакс синоќа чукало за истиот тим од причина што во составите се појавија нивните синови но, како противници.

18 годишниот Џастин Клајверт е дете на Ајакс кој сезонава дебитираше за првиот тим, а на 19 март го постигна деби голот, точно 10 години и еден ден по последниот гол во кариерата на татко му. Во Стокхолм остана на клупата за резерви.

Дели Блинд 2017 и Дени Блинд 1995

По истите стапки тргна и синот на Дени Блинд, 27 годишниот Дели Блинд. Беше 10 години дел од академијата на Ајакс, како и шест во сениорскиот тим со кој има 4 титули во низа, но од 2014-та е член на Манчестер Јунајтед.

Дени Блинд и Патрик Клајверт синоќа немаа можност да се израдуваат на европски трофеј кој на Ајакс му фали од нивното време, но семејството Блинд сепак имаше повод за славје.