ФФМ ќе го анализира судењето на Ставрев

По нападите на ФК Вардар за судењето на Александар Ставрев на мечот против Шкендија, со соопштение се огласи и Фудбалската федерација на Македонија.

Вардар објави долго соопштение и видео со сите сомнителни моменти од четвртфиналниот дуел од Купот против Шкендија на кој остана со двајца играчи помалку. Во нападот ја споменуваат и Куќата на фудбалот за која велат дека е нарачател на скандалозното судење.

Ова е реакцијата на Судиската комисија на ФФМ:

Судиската комисија при Фудбалската федерација на Македонија се чувствува повикана да реагира со соопштение по повод жестоката реакција на ФК „Вардар“ за вчерашното судење на Александар Ставрев на првиот натпревар од четвртфиналето во Купот на Македонија против ФК „Шкендија“.

Принципиелно тврдиме дека сите клубови, независно дали станува збор за Прва, Втора или регионалните фудбалски лиги ги третираме на еднаков начин и истите подлежат на правила и прописи во согласност правилници на УЕФА и ФИФА.

Судиската комисија при ФФМ за секој натпревар дава оцена за квалитетот на судењето. Стручна комисија ќе направи анализа на натпреварот меѓу ФК „Шкендија“ и ФК „Вардар“ и дополнително ќе се произнесе за квалитетот на судењето на делегираните арбитри на натпреварот. 

Судиската комисија при Фудбалската федерација на Македонија ги почитува и поздравува напорите и вложувањата на ФК „Вардар“ за развој на клубот и фудбалот во Македонија и искрено се надева дека развојните проекти и вложувања на ФК „Вардар“ и ФК „Шкендија“ во македонскиот фудбал ќе ги следат и другите клубови во државата.

Конструктивна критика е добредојдена. Критика без основа понекогаш може да се поднесе, но да повикувате на мобилизација и на обединување против т.н. „Скандалозно однесување на нарачетелите од „Куќата на фудбалот“  е обид за освојување на симпатии на јавноста, „лајкови“ и имиџ да покажете дека како раководство на ФК „Вардар“ можете да не ја  почитувате спортската етика и во јавноста да пласирате заклучоци кои не се темелат врз доволно факти.

Лутината поради загубен натпревар не смее да ја доведе под знак прашалник објективноста на судењето на интернационален судија со преку 80. натпревари во Европските купови. Потенцираме, доколку има неправилност во судиските одлуки ќе биде санкционирано од стручно тело.

Судиската комисија при ФФМ е одговорно, сериозно и професионално тело кое ги почитува одлуките пропишани во статутот усогласен според меѓународните фудбалски институции и носи принципиелни одлуки подеднакво за сите. 

27 ноември 2015 - 16:53