Ангедота од Фулам

Феликс Магат, Бреде Хангеланд и сирењето со мајчина љубов

Хеиа фудбал е норвешка радио емисија во која гостуваат поранешни и сегашни фудбалери и тренери и раскажуваат разни анегдоти. Во последната гостувал корпулентниот „викинг“ Бреде Хангеланд кој раскажал за германскиот тренер Феликс Магат.

Феликс Магат, творецот на големиот успех на шампионскиот Волфсбург во 2014-та стана првиот германски тренер во англиската Премиер лига. На 14. февруари 2014-та го презеде Фулам кој тонеше кон втората лига (Чемпионшип) и изјави дека 12 меча до крајот му се доволни да го спаси клубот од „Крејвен Котиџ“ од испаѓање.

За жал не успеа затоа што Фулам испадна од лигата, а Германецот продолжи и во Чемпионшип каде ја почна сезоната со четири порази по ред (Ипсвич, Милвол, Вулверхемптон и Дерби Каунти). На 18. септември 2014 Магат доби отказ после серијата од 11 меча без победа.

Феликс Магат е познат по страшните тренинг методи после кои играчите излегуваат исцедени. Познат е по прекарот „Садам“ од Садам Хусаин.

За неговите чудни методи за норвешко радио раскажал тогашниот стопер на Фулам и норвешката репрезентација, Бреде Хангеланд:

„Отсекогаш се трудам да го видам доброто во луѓето, но тој беше ужасно човечко битие. Казнуваше со екстра тренинзи. Еднаш откако изгубивме и се вративме во Фулам во 1 после полноќ, не натере да трчаме кругови на теренот до 2 часот после полноќ. Беше апсурдно.

После еден натпревар имав болки во ногата, големи болки. Отидов до кај клупскиот лекар и барав да го спушти отокот со хиподермичка игла, сосема вообичаен процес за таков оток. Тој ми одговори дека има нов кодекс со новиот тренер и дека Магат барал нему да му се пријават сите медицински проблеми“, се сеќава високиот норвешки дефанзивец.

Бреде Хангеланд долги години беше столб на одбраната на Фулам

Тогаш Хангеланд отишол до канцеларијата на Магат за да му каже дека сака да го спушти отокот, а Германецот смирено му одговорил: ’Не, не може. Ќе одиш до Теско (супермаркет) и ќе купиш сирење’. Откако Бреде се вратил со парче сирење, Магат му рекол дека треба да го стави на отокот наквасено со некој алкохол, но не џин или водка, туку со медицински алкохол.

„Ај што се чудев на сето тоа, следуваше шок кога ми кажа да се јавам на мајка ми. Во тој момент мислев дека е шега: ’Шефе, а зошто би и се јавувал на мајка ми?’ Ми одговори дека кога ќе и се јавам мешавината од сирењето и алкохолот со биолошката реакција од мајчината љубов ќе ми ја излечи повредата“, раскажува Хангеланд.

На крајот Бреде се вратил дома вечерта и го отворил сирењето и раскажал на жена му што треба да прави, а таа му рекла дека тоа нема да се случи ни под разно и тој се откажал. 

Хангеланд играше шест години за Фулам (повеќе од 200 меча) и со овој клуб стигна до финалето на Лига Европа. За Норвешка одигра околу 100 натпревари за 8 години. Во кариерата настапувал уште и за Викинг, Копенхаген и Кристал Палас. Со фудбалот заврши во август 2016-та на 35 годишна возраст.

Пред две години, Феликс Магат призна дека го терал Хангеланд да стави сирење со алкохол на раната, а вистиноста на оваа анегдота ја потврди и легендарниот Дени Марфи.