Кој чека ќе дочека

Европски лиги со некои нови шампиони

„Кои ли се овие Виторул“? праша еден познат маалски кладилничар и ја отвори темата (билтенот) за екипите кои со децении, од сенка чекале да освојат титула и да ги тргнат од тронот неприкосновените лидери.

Славија, Чешка - 2 победи до титула
Чекаат: 8 години

Еден од најпопуларните и најтрофејните клубови во Чешка во последните години од страна гледаше како конкурентите Спарта Прага и Викторија Плзен се бркаат по титулата.

Ситуацијата се смени откако во септември 2015 година клубот доби нови сопственици. Мнозинството акции во Славија Прага ги доби кинескиот конгломерат CEFC China Energy и во летниот трансфер рок екипата ја засилија 12 нови играчи за неколку милиони евра.

Резултатот стигна брзо: Славија речиси цела сезона е прва во Чешка и се бори за титулата со Викторија Плзен. Славија постигна 58 гола на 28 меча и е најефикасна во лигата. Бегаат два бода на две кола пред крајот, така што титулата им е на дофат. После 96 месеци!

Спартак, Русија - шампион
Чекаше: 15,5 години

Московскиот гигант веќе неколку сезони работи во рангот на најголемите европски клубови. Изградија ултра-модерен стадион, склопија скапа екипа, имаат најмногу навивачи во Москва а лани тренер им стана некогашниот стратег на Јувентус, Масимо Карера.

Конечно после цели 15 години ја срушија традицијата на Зенит и ЦСКА Москва кои доминираа немилосрдно.

Монако, Франција - шампион
Чекаше: 17 години

Просто најсимпатичната екипа во Европа сезонава - млад тим составен од талентирани играчи кои го симнаа ПСЖ од тронот во Франција и првпат после 2000-та станаа прваци. Монако сезонава даде најмногу голови во Европа после Реал Мадрид и стигна до полуфиналето на ЛШ.

За тоа колку време пројде откако Монако стана шампион говори и фактот дека последната шампионска титула пред 17 години ја освоија 20-годишниот Рафа Маркез, 21-годишниот Давид Трезеге, 22-годишниот Лудовик Жили и вечно младиот Фабијан Бартез.

Виторул, Романија - шампион
Чекале: 8 години

Виторул е клуб од романскиот град Констанца којшто во 2009 година го основал најпознатиот романски фудбалер на сите времиња, Георге Хаџи.

По својата организација, Виторул е успешен фудбалски бизнис-проект, нешто како германскиот Лајпциг или рускиот Краснодар. Клубот има одлична младинска школа за чија инфраструктура се потрошиле повеќе од 11 милиони евра!

Резултатите брзо стигнале, па Виторул за само три години од третата романска лига стигна во првата а после пет години стана и шампион на Романија!

Екипата е најмлада во целата лига, просекот на години на фудбалерите е 22,5 години поради што го имаат надимакот „синовите на Хаџи“.

Феенорд, Холандија - шампион
Чекаа: 18 години

Уште една црвено-бела екипа сезонава освои титула после долги години. Легендата на ротердамскиот фудбал - Дирк Кајт го поведе Ротердам до титулата со хет-трик.

Целиот град еуфорично ја прослави првата титула после 18 години!

Хонвед, Унгарија - 2 победи до титула
Чекаат: 24 години

Клубот кој бил база на златната репрезентација на Унгарија во ’50-те години која играла најубав фудбал на свет, тешко функционирал по падот на комунистичкиот строј во Унгарија.

Навивачите на Хонвед титула славеле пред 24 години. Во таа година унгарските „армејци“ се прошетале до пехарот. Но од тој момент до сезонава редовно беа зад Дебрецин, Ференцварош и Видеотон. До крајот на сезоната во Унгарија има уште две кола, а во последното Хонвед и Видеотон играат меѓу себе. Во моментов имаат по 59 бода, а Видеотон има подобра гол разлика.

Ријека, Хрватска - бод до титула
Чекаат: 71 година!

Во Хрватска сезонава се случува мало чудо. Неприкосновениот Динамо Загреб 12 години по ред е шампион, но оваа година Ријека е на прагот да ја освои титулата која на Јадранот ќе се слави како да се освоило Лига на шампиони (особено затоа што сите сметаат дека играат во режирано првенство од Здравко Мамиќ).

Ријека никогаш не била шампион на Хрватска, но во некогашна Југославија три пати завршувала пред останатите хрватски екипи поради што сега сериозно и се намерачени на шампионската титула.

Кукеси, Албанија - 2 победи до титула
Чекаат: 87 години!

И покрај 90-годишната историја, албанскиот клуб Кукеси првпат заиграл во првата албанска лига во 2012 година и наскоро влегол во еврокуповите.

Таквиот светлосно брз успех екипата од градот Кукеси направила кога претседател на клубот станал пратеник од собранието. Во последните пет сезони Кукеси ниту еднаш не завршил пониско од третото место, но во првенството секоја година завршуваат зад Скендербег. Сезонава Кукеси после 34 кола нема ниту еден пораз а до историскиот подвиг ги делат две кола до крајот.

Мариехаман, Финска - шампион
Чекале: 98 години

Сезонава во Финска шампион стана екипа од Аландските острови. Во периодот од 1809 до 1917 година овие острови влегувале во составот на Руската империја, а денес имаат статус на автономија во составот на Финска, а населението зборува на шведски јазик.

После 98 години фудбалска екипа, овој реон може да каже дека го има шампионот на земјата. Мариехаман до 2009 година немал професионален статус и претежно играл во аматерската дивизија Аланд.

Тој остров има и непризната репрезентација која штов 1989 година заиграла на Светскиот Куп за Острови. Интересно, покрај машкиот, постои и женски клуб Мариехаман којшто игра во третата Шведска лига.