Едни по скудето, други по Европа, трети за опстанок

Во новата сезона 2014/15 во Серија А, од вкупно 20 тренери, најмлад е Страмачони, најтрофеен Бенитез, најстар Земан, а дебитираат Пипо Инзаги со Милан и Маурицио Сари со Емполи. За сега се потврдени 15 стратези кои ќе стартуваат на 31 август.

Масимилијано Алегри, 47 години (Јувентус)

Повикан е на местото на Конте, кој си замина со три последователни титули на „Старата дама", Алегри ќе има тешка задача да ги придобие навивачите на Јуве кои го гаѓаа со шишиња додека пристигнуваше во клубот. Од друга страна, пак, Алегри е единствен тренер во моментов во Серија А, кој освоил титула во првенството, со Милан.

Руди Гарсија, 50 (Рома)

Минатата година седна на клупата на Рома и од 6. место, ја направи Рома вицешампион, зад Јувентус. Во своето портфолио, Гарсија има освено првенство и Куп на Франција со Лил, а за оваа сезона доби големи засилувања.

Рафаел Бенитез, 54 (Наполи)

Рафа е во моментов најтрофеен тренер во Серија А. Има Лига на шампиони со Ливерпул, две Ла лига првенства со Валенсија, како и два трофеи од Лига на Европа со Валенсија и Челси. За него ова е втора сезона со Наполитанците.

Валтер Мацари, 52 (Интер)

Оваа сезона на клупата на миланскиот клуб, Мацари ќе се обиде да го искачи Интер многу повисоко од минатата година. Во Серија А досега ги водел Реџина, Сампдорија и Наполи 4 сезони, а во 2012. Година го освои италијанскиот Куп.

Филипо Инзаги, 40 (Милан)

Оствари фантастична кариера како играч, а сега треба да се докажува како тренер. Дојде на местото на Сидорф, поранешниот миленик на Берлускони. Досега како тренер ги водеше младинските категории на Милан и на Италија.

Винченцо Монтела, 40 (Фиорентина)

Како тренер во Серија А досега ги водеше Рома, Катанија и Фиорентина од 2012 година. Познат е по убавиот фудбал кој го преферира. Сосема сигурно го чека светла иднина во поголем клуб. 

Стефано Пиоли, 48 (Лацио)

Во најдобрата италијанска лига ги водеше Парма, Киево, Палермо и Болоња. Од летово го превзема Лацио, а дојде на местото на Еди Реја кој на два пати седеше на клупата на Олимпико.

Андреа Страмачони, 38 (Удинезе)

Најмладиот тренер во Серија А, во Удине дојде да ја продолжи ерата на Гвидолин. Во 2012. година, по заминувањето на Раниери, стана прв тренер на Интер, кој го избра и за следната сезона. Сепак, 9. место на табелата не беше доволно за челниците, кои го потпишаа Валтер Мацари.

Зденек Земан, 67 (Каљари)

За Земан сигурно не треба претставување. Легендарниот боем досега ги водеше Фоџа, Лацио, Рома, Црвена Звезда и Пескара (во серија Б). Нема големи успеси во тренерската кариера, но неговите клубови секогаш имале добри резултати.

Во останатите клубови деби ќе има Маурицио Сари (55) со новиот прволигаш Емполи, а потврда за својата работа добија:

Џанпиеро Вентура (67) Торино
Роберто Донадони (50) Парма
- Синиша Михајловиќ (45) Сампдорија
Џанпиеро Гасперини (56) Џенова,
- Андреа Мандорлини (54) Верона
- Стефано Колатуоно (51) Аталанта
- Еузебио ди Франческо (47) Сасуоло
- Џузепе Јакини (50) Палермо
- Пиерпаоло Бизоли (47) Чезена

30 јули 2014 - 16:01