Ѕвездите кои никогаш не заиграле на Светско

Најгледаниот спортски настан на планетата е престиж за секој фудбалер, но ја немаат сите големи играчи таа среќа да бидат дел од најелитното фудбалско друштво. Оваа година Фалкао се повреди, Бејл ќе печали во Азија, а Тевез ќе оди во Дизниленд.

Иконата на Реал Мадрид од средината на минатиов век, Алфредо Ди Стефано е сигурно едно од најголемите имиња кое не ги почувствува Мундијалите. Носеше три репрезентативни дреса. Во 1950 година Аргентина го бојкотираше првенството, а по четири години не успеа да обезбеди пласман. 

Среќа немаше ниту со Колумбија, а ниту со Шпанија која беше дел од светското во Чиле 1962, но Ди Стефано не беше дел од составот поради повреда. Легендарниот напаѓач беше петкратен европски првак со „Кралскиот тим“. 

Големата несреќа да не настапи на едно светско првенство ја имаше фудбалерот на Манчестер Јунајтед , Данкан Едвардс и тоа на свој терен кога Англија стана светски шампион во 1966 година.

Осум години пред Мундијалот се случи големата трагедија на неговиот клуб, кога на враќање од Белград каде играа натпревар од ЛШ меч против Црвена Ѕвезда, нивниот авион се сруши во Минхен. Едвардс беше помеѓу преживеаните, но поради тешки повреди почина по две недели на само 21 година. 

На тој лет требаше да биде и унгарскиот репрезентативец Ладислав Кубала кој не отпатува поради болеста на неговиот син, но и тој не доби шанса на ниту едно светско и покрај тоа што настапуваше за СССР, Унгарија и Шпанија. Учество на Мундијал имаше како селектор на Шпанија во 1978 година. 

И покрај импресивната долга кариера на „Олд Трафорд“, на светските првенства никогаш не отпатува ниту челичниот Рајан Гигс кој освои сè можно со Манчестер Јунајтед. Неговата земја Велс не е во рангот на силните репрезентации, па затоа тешко е за верување дека и Герет Бејл го чека истото.

Истата судбина ја имаше и Џорџ Бест, кој и покрај тоа што беше еден од најдобрите фудбалери во 60-те и 70-те, Северна Ирска во негово време не обезбеди учество на Светско. 

На овие легенди од Манчестер се придодава и контроверзниот Ерик Кантона кој не влезе во составот на Франција на ниту еден Мундијал. Се повлече од репрезентацијата на 31 година, а успехот на Франција во 1998 година во гледаше на тв. 

На најелитните светски фудбалски собири не учествуваа уште ред други славни играчи како напаѓачот на Милан Жорж Веа кој беше прогласен за најдобар играч во светот од страна на ФИФА.

17 април 2014 - 17:47