Џампаоло Пацини ја врати Верона во Серија А

Талентот кој го поседуваше во легендарната генерација на Аталанта, Пацини подоцна во кариерата го демонстрираше во повеќе италијански клубови. Раатот го најде во Верона на која што ѝ донесе експресно враќање во најдобрата лига и стана идол на тифозите.

Со ремито во Чезена, Верона се враќа во елитата по една година во ’чистилиштето’ на Серија Б. Најзаслужни за пласманот се верните навивачи и еден бомбардер во нападот.

СПАЛ како прв минатата недела обезбеди пласман во Серија А, а синоќа со бодот на гости и Верона артиметички осигура враќање во првата лига, момент што лудо се прослави во градот на Ромео и Јулија, на плоштадот Бра.

Верона и третиот Фрозиноне завршија со ист број на бодови, но поради подобриот учинок во меѓусебните дуели Веронезите одат горе, а Фрозиноне ќе мора да се намачи во тешкиот плејоф.

Патот до Серија А им го поплочи некогашниот шпиц на Интер, Милан, Фиорентина и Аталанта, Џампаоло Пацини со 23 гола. „Пацо“ (на италијански ’лудиот’) беше капитен на екипата и прв стрелец во Серија Б, натпреварување во кое немал играно дури од 2004. година (од времето на Аталанта).

11-та на Верона има 32 години и е најсакан фудбалер на клубот во моментов. Дојде како замена за пензионираниот Тони. Најголема заслуга за неговата форма носи тренерот Фабио Пекија кој во блиско минато му беше помошник тренер на Бенитез во Наполи, во Реал Мадрид и во Њукасл.

Пацини со своите 23 гола донел дури 31 од вкупно 74 бода за Хелас Верона. Некогашниот италијански репрезентативец сезонава имаше период кога постигнуваше по 2 гола на 4 средби по ред, а сезоната ја почна со 11 гола на 7 меча.

Тренерот Пекија формираше одличен напад околу Пацини, со центарфото Беса и крилните играчи Лупи, Силигарди и малиот Валоти. Во средината товарот го изнесоа Ромуло, Фосати, браќата Зукулини, а со одбраната командуваа Николас и Пизано. Голем дел од овие фудбалери следната сезона ќе игра повторно против гигантите од Серија А.

Пацини и натаму ги слави головите на препознатлив стил и прашањето: ’Видовте ли каков гол’? Оваа прослава се роди во Фиренца кога играше заедно со неговиот другар и екс-соиграч Лука Тони, партнери во Серија А од 2005-та.

Џампаоло е роден во 1984 година во реонот Пистоја поточно во местото Монсумано Терме. Првите фудбалски чекори ги направил во тимот Маргине Коперта, филијала-сателит на Аталанта, клубот кој го зема кај себе на 15 години.

Пацини беше дел од една од најталентираните генерации во историјата на младинскиот италијански фудбал заедно со Падоин, Лаѕари, Агаци, Монтоливо, браќата Ѕенони.

Стариот лисец Мандорлини го прекомандувал во првиот тим кога Аталанта испаднала во Серија Б. Пацо на 19 години постигнал 9 гола на 39 средби и бил меѓу најзаслужните за промоцијата на Бергамашите во А.

Тогаш учеше од искусните Будан, Гаутиери и Лука Саудати. Во дебитантската сезона во Серија А, Пацини постигна 3 гола на 12 меча и ја убеди Фиорентина да го купи во јануари 2005-та за 6,5 милиони евра (дојде во пакет со Монтоливо). Подоцна во кариерата играше уште и за Милан, Интер и Сампдорија а настапуваше и за репрезентацијата на Италија.